Вонреден состанок на грчката влада за ситуацијата во мигрантското – бегалското прашање – ММС
ММС

Објавено на: 09/21/19 2:07 PM

Вонреден состанок на грчката влада за ситуацијата во мигрантското – бегалското прашање

Продолжување на мерките за празнење на островите, зајакнување на силите на крајбрежната служба со бродови и персонал во источниот дел на Егејското море и поголема вклученост на ФРОНТЕКС и НАТО, се одлуките што беа донесени на состанокот под грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис , одржан денес во премиерската палата во однос на бегалското/ мигрантското прашање, брифираат грчки владини извори, jави дописничката на МИА од Атина.

На состанокот присуствуваа и министрите за надворешни работи, цивилна заштита, одбрана, поморство, алтернативниот министер надлежен за миграциска политика, заменикот министер за одбрана како и државните министри без ресор, а денешните одлуки се во продолжение на донесените мерки на 31 август 2019 за време на седницата на владиниот совет за надворешна политика и одбрана.

Состанокот се одржа поради зголемениот бран на бегалци и мигранти на грчките острови што се наоѓаат во близина на турското крајбрежје.

За само три дена, во вторникот, средата и четвртокот, пристигнале вкупно 1958 бегалци и мигранти, а од почетокот на месецов заклучно со 19 септември, според официјалните податоци од грчката влада, регистрирани се 6473 нови пристигнувања, по морски пат, од Турција.