Трајанов, Поповска и Дескоска гости во „Стадион“: Македонија „зрела“ за една изборна единица, но… – ММС
ММС

Објавено на: 09/21/19 12:42 PM

Трајанов, Поповска и Дескоска гости во „Стадион“: Македонија „зрела“ за една изборна единица, но…

Во денешната емисија „Стадион“ на „Канал 77“ тема беа Изборниот законик и иницијативите за промена на изборниот модел. Гости беа Павле Трајанов од Демократскиот сојуз и Лилјана Попвска од ДОМ, а беше емитувано и снимено интервју со министерката за правда Рената Дескоска.

Демократскиот сојуз подготви и достави до Собранието предлог-закон за изменување на Изборниот законик и воведување една изборна единица.

– Сметаме дека Македонија треба да биде една изборна единица. На тој начин составот на парламентот ќе биде реален одраз на волјата на граѓаните, ќе се зголеми одговорноста кај извршната власт, ќе се демонтира, условно кажано, еднопартискиот систем затоа што практиката во сите изминати години покажува дека лидерот на владејачката партија едновремено е и премиер, кој што во суштина одлучува за се’ во државата. Затоа имаме силна политизација наместо владеење на правото, наместо одговорни институции и поединци имаме целосно партизирана и исполитизирана како извршна, така законодавна, така и судска власт. Две политички партии веќе 30 години се менуваат на власт, а државата и понатаму стагнира – рече Трајанов.

Лилјана Поповска е една од 12-те пратенички и пратеници од повеќе партии кои поведоа иницијатива за пропорционален модел со една изборна единица наместо сегашните шест.

– Со еден „пошарен“ парламент ќе дојдеме до подемократско општество и секоја партија ќе има еднакви можности на изборите. Колкава поддршка од граѓаните, толку места во Собранието, што значи дека нема да има изгубени гласови во шест изборни единици и нивно акумулирање кај големите партии, а граѓаните што гласале за партиите што не го минале прагот својот глас како да го фрлиле во бунар. За иницијативата досега начелна поддршка имаме од СДСМ. Остануваат ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. ДУИ десетина години наназад застапуваше став за изборен модел со една изборна единица. Не знаеме зошто сега го смени. ВМРО-ДПМНЕ сега е за мнозински модел. И самите колеги оттаму знаат дека тоа не е реално. Тој модел е надминат и цела Европа го напушти како несоодветен. Не верувам дека ќе се оди кон тоа. Има поле за разговор – истакна Поповска.

Во подолгото интервју, министерката Поповска одговори на повеќе прашања, како Законот за ЈО, потоа за СЈО, Катица Јанева, Боки 13, Академијата за судии и обвинители…, а се задржа и на Изборниот законик.

– Препорака од Венецијанската комисија е Изборниот законик да може да се менува со согласност меѓу власта и опозицијата. Има тешкотии, но подготвени сме да го водиме процесот и ќе го водиме. Како политичка партија, сметавме дека треба да има една изборна единица во државата со отворени листи. И тоа не е најидеален модел. Факт е дека кога ние почнавме да зборуваме за една изборна единица, тогаш од страна на ВМРО-ДПМНЕ дојде предлогот за мнозински модел. Тоа веќе се непомирливи разлики за да може да се направи заедничко решение. И од ДУИ добиваме сигнали дека и тие не се за една изборна единица. Јас мислам оти најоптимална варијанта или најреална во ваква констелација е задржувањето на овој изборен модел со евентуални мали корекции – рече Дескоска.