Во Чешка средба Шекеринска – Метнар: Со членството во НАТО Северна Македонија станува важен играч за регионот но и за ЕУ – ММС
ММС

Објавено на: 09/21/19 10:40 AM

Во Чешка средба Шекеринска – Метнар: Со членството во НАТО Северна Македонија станува важен играч за регионот но и за ЕУ

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска во Острава, Чешка имаше работна средба со чешкиот министер за одбрана Лубомир Метнар. На средбата беше истакната долгогодишната успешна соработка во одбраната меѓу двете земји и континуираната поддршка за нашето членство во НАТО и за почеток на преговори со ЕУ.

Министерката Шекеринска се заблагодари на поканата да биде почесен гостин на меѓународната манифестација „Денови на НАТО” што започна денеска во Острава.

Шекеринска изрази задоволство што чешката страна минатата седмица го ратификуваше Протоколот за прием во НАТО, и рече дека членството на Северна Македонија во Алијансата значи влог во безбедноста и стабилноста на целиот регион. Тесната соработка што ја остваруваат Република Северна Македонија и Западен Балкан со земјите од Вишеградската група  (В4) чиј лидер е во моментов Чешката Република е одличен пример за тоа како треба да соработуваат земјите во рамките на еден регион но и помеѓу регионите, истакна министерката.
„Република Северна Македонија е долгогодишен близок партнер на Чешката Република во Западен Балкан, а со членството во НАТО станува важен играч за регионот, но и за ЕУ. Со ратификацијата на Протоколот и со вашата континуирана поддршка покажавте дека Чешка знае да го вреднува постигнатиот напредок во нашата земја и дека взаемната почит и соработка ќе продолжат и во иднина во рамките на НАТО каде наскоро ќе станеме полноправна членка”, рече Шекеринска.

Чешкиот министер Метнар ја истакна нашата земја како успешен пример во регионот на градење на пријателски односи со соседите и за тоа ги посочи договорите со Бугарија и со Грција, и изрази надеж дека полноправното членство во Алијансата ќе се случи што поскоро. Министерот Метнар рече дека Чешката Република со нетрпение чека да ја види Северна Македонија во НАТО каде што двете земји ќе продолжат да соработуваат. Тој додаде дека нашата земја е важен партнер на Чешката Република и дека ужива целосна поддршка на планот на добивањето датум за преговори за нашата земја.

Двајцата министри разговараа и за донација на опрема за нашата Армија од Република Чешка како и за австриската иницијатива за регионална Воена академија и нашата заложба седиштето да биде во Скопје, за што чешката страна изразува целосна поддршка.

Министерската средба се одржа на маргините на меѓународната манифестација „НАТО денови” чиј домаќин традиционално е чешкиот град Острава и на чие свечено отворање денеска присуствуваше и министерката Шекеринска заедно со министрите за одбрана од В4 – Чешка, Унгарија, Полска и Словачка. На оваа најголема изложба од одбраната и безбедноста учествуваат 18 НАТО и партнерски земји кои ги прикажаа најновите технолошки достигнувања во нивната воена и полициска опрема.