Собранието го одби предлогот на ВМРО-ДПМНЕ: Нема да се формира анкетна комисија за работата на СЈО – ММС
ММС

Објавено на: 09/20/19 12:20 PM

Собранието го одби предлогот на ВМРО-ДПМНЕ: Нема да се формира анкетна комисија за работата на СЈО

Собранието го одбило предлогот на ВМРО-ДПМНЕ да се формира анкетна комисија за работењето на Специјалното јавно обвинителство. За ова денеска информираше пратеникот Антонио Милошоски кој тврди дека вчера добиле допис со, според него, неосновани технички образложенија, со кои Џафери го враќа предлогот на подносителите.

Опозицијата се сомнева дека одлуката не е потпишана од Џафери.

„Она што нам ни е информација од собраниските служби и од самиот ракопис на овој предлог за враќање на одлуката за формирање анкетна комисија е дека ова не е ракописот на Талат Џафери. Ова е ракописот на Цветанка Иванова, генерален секретар на Собранието, или на некој близок советник на СДСМ, што Талат Џафери морал да го послуша и да го потпише и да го врати предлогот за формирање анкетна комисија затоа што очигледно и Талат Џафери е седнат во скутот на владејачката партија. Од кои интереси, дали се тоа лични, фамилијарни, политички, партиски, сигурни сме дека во следниот период тоа бргу ќе го докажат“, изјави денеска Милошоски.

Според сознанијата на опозицијата, СЈО во финансиските извештаи што ги доставувало до Собранието нема прецизни ставки за трошењето на средствата, па останува непознато  колку пари се потршени на плати, на хонорари, вештаци, јавни набавки и така натаму.

Милошоски обвинува дека на сметка на нечие материјално богатење, Обвинителството на чело со Катица Јанева работело несовесно и незаконски.

„Од друга страна, имаме исто така податоци дека на блиските роднини на помошник-обвинители внатре во СЈО или на самата специјална обвинителка или на блиските лица на судии, обвинители, пратеници, функционери и министри надвор од СЈО, кои биле вработени во СЈО, им се исплаќани несразмерно високи хонорари по потпишани договори за чување деловна тајна, а самиот опис на работа на човек што влегува да работи во обвинителска функција, основната плата му е во описот на тоа да биде претпазлив и да чува деловна тајна, односно за тоа нема потреба за посебен договор“, додаде пратеникот.