Под мотото „Европа тоа си ти” денеска во Битола ќе се одржи манифестацијата „Ден на европска соработка 2019″ во организација на Министерството за локална самоуправа и делегацијата на Европската Унија, во рамките на Програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Грција.
Манифестацијата пред Центарот за култура – Битола ќе ја отворат министерот за локална самоуправа Горан Милевски, претставникот на делегацијата на ЕУ, Фрек Јанмаат, и градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска.
Денот на европска соработка се одбележува секоја година во земјите што имплементираат ИПА-програми за територијална соработка, финансирани од Европската Унија, со цел да се афирмираат придобивките од соработката меѓу земјите и регионите и од реализацијата на голем број заеднички проекти.
Годинава оваа манифестација ќе биде одбележана во над 30 земји, во рамките на 50 ИПА-програми за територијална соработка со организирање 120 локални настани.
„Ден на европска соработка 2019″ во Битола ќе биде одбележан со голем број настани што ги промовираат соработката и европските вредности, преку анимирање на пошироката јавност.
МИА