Лозарски блокади кај Росоман – ММС
ММС

Објавено на: 09/19/19 7:53 PM

Лозарски блокади кај Росоман

Наместо два часа, како што беше најавено, блокадата на лозарите на патот Градско – Прилеп кај Росоман,   вечерва траеше само еден час. На протестот кој го организираше здружението „Тиквешки лозаро овоштари“ беа присутни стотина лозари, членови на ВМРО-ДПМНЕ, раководството на кавадаречкиот комитет и пратеничката од Кавадарци од опозицијата Весна Пемова.

Речиси на самиот почеток на блокадите пристигна и министерот за земјоделство Трајан Димковски кој дојде директно да ги слушне барањата на луѓето кои протестираа, но освен надвикување речиси и не беа кажани конкретни барања. Извикуваа до министерот „Оставка“ и „Оди си“.

Претседателот на „Тиквешки лозаро овоштари“, Златан Стојчев повтори дека сакаат  загарантирана цена за килограм грозје и гарантирани субвенции. Исто така околу шеќерноста на грозјето да одлучуваат  стручни лица, а државата да им исплати и отштета поради сушата. Бараат и да се доисплатат заостанатите долгови од пред неколку години од одделни винарии.

Министерот за земјоделство во изјавата за медиумите повтори дека државата ќе ги помогне лозарите со интервентна мерка, за чија висина заедно ќе одлучат со производителите на грозје. Воедно ги повика луѓето од „Тиквешки лозаро овошари“ на заедничка дебата, тие да изберат на која телевизија.

„Оваа година поддршката ќе биде поголема од минатата година поради падот на приносите поради сушата. Интервенцијата ќе биде реална, прифатлива за сите. Тие народни пари што ги даваме да стигнат таму кај што требаат“ , рече Димковски.

Додека траеше протестот се создаде подолга колона со возила кои патуваа на патот Градско – Прилеп и во двата патни правци.

 

Ангел Данов