Министерство за правда: Засега нема закажано нова средба за Законот за јавно обвинителство – ММС
ММС

Објавено на: 09/19/19 7:25 PM

Министерство за правда: Засега нема закажано нова средба за Законот за јавно обвинителство

Засега нема закажано средба на работните групи за Законот за Јавно обвинителство в сабота. Ова го соопшти Министерството за правда, по информациите објавени во дел од медиумите дека за време на викендов ќе се одржи нова рунда преговори меѓу тимовите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Разговорите стагнираа по последната маратонска средба што се одржа во Собранието на која присуствуваа лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Средбата заврши без исход, но власта и опозицијата се надеваат дека разговорите ќе продолжат.

„Нашите заложби ги знаете дека правната држава мора да ја обезбедиме. Мора да обезбедиме правна разрешница на сите предмети кои досега се отворени“, изјави денеска координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски смета дека социјалдемократите не сакаат преговорите да успеат:

„Се надевам дека ќе продолжат тие преговори. Но, од она што го гледаме, СДСМ очигледно не сака овие преговори да успеат и лицитира со предметот Рекет во однос на нивно спасување од целата оваа ситуација“.

По лидерската средба на која се дискутираше за новото законско решение, следуваа меѓусебни обвинувања од страна на двајцата лидери кои оставија отворена можност за понатамошни разговори. Во меѓувреме, опозицијата достави свои предлози за кои премиерот Зоран Заев рече дека ќе бидат разгледани.