Здравствените работници преку протест се обединија против насилството врз нив – ММС
ММС

Објавено на: 09/18/19 2:08 PM

Здравствените работници преку протест се обединија против насилството врз нив

Серијата напади кои изминатиот период се случија во повеќе здравствени установи ги „изнесе“ денеска на протест здравствените работници. Протестот го организираше Асоцијацијата на млади лекари и специјализанти, која доби поддршка и од други здруженија и асоцијации што делуваат во ресорот здравство. Главниот протест се одржа во кругот на Клиничкиот центар во Скопје, но се протестираше и пред дел од здравствените установи во внатрешноста од земјава.

Протестирајќи под мотото „Стоп за насилството врз здравствените работници“, тие истакнаа дека проблемот го гледаат во политичката апатија, негрижата и инертноста кон здравствениот систем, кој, велат, континуирано пропаѓа.

„Последниве 30 години свесното и несвесното уништување на здравствениот систем кулминира. Близу сме до крахот на здравствениот систем. Револтот кај граѓаните кулминира и затоа се овие секојдневни инциденти“, рече Ненад Лазаров од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари. Тој исто така вели дека се свесни оти има некоректен однос на одредени здравствени работници:

„Прифаќаме дека проблемот е комплексен, дека постои и во нашите редови, но време е да бидеме заштитени, време е за подобрување на квалитетот на услугите за пациентите“.

Неговиот колега Божидар Кочовски додаде дека како здравствени работници, бараат создавање на систем кој ќе биде околу пациентот, ќе овозможи подобрување на комуникацијата со пациентите за да се превенираат тие несакани појави и да се слушне нивниот глас. Тие бараат отворена дебата со властите за да ги адресираат своите проблеми.

Преку протестот, медицинарите испорачаа пет барања – донесување закон за докторска дејност, итно спроведување и законско изедначување на напад врз медицинско лице со напад врз службено лице, полициско обезбедување на сите здравствени установи, особено во ургентните центри, вклучување на младите лекари во носењето на сите здравствени политики и задолжително организирање внатрешен систем на контрола на медицинските работници. Не дадоа конкретен рок до кога очекуваат тие да бидат исполнат, но изјавија дека тој треба да биде кус, зашто во спротивно ќе престанат да ја извршуваат својата работа.

Од Синдикатот на Клиничкиот центар велат дека здравствените работници се со пациентите, а не против нив.

„Притоа тие мора да нè почитуваат и да разберат дека не сме семоќни. Истовремено мора и вработените во здравството да се потсетат на етичкиот кодекс, Хипократовата заклетва и не смеат своите нервози, фрустрации и замор да ги изразуваат врз пациентите во никој случај“, рече претседателот на Синдикатот на Клинички центар, Горан Беговиќ.

Побараа 24-часовно обезбедување на секоја здравствена установа во земјава и видеонадзор онаму каде што законските прописи дозволуваат.

Министерот за здравство Венко Филипче, кој даде поддршка на здравствените работници, истакна дека е потребно да се спроведе процес на враќање на довербата меѓу пациентите и здравствените работници, да се упати порака дека со насилство не се решаваат работите.

„Со насилство не се решаваат работите. Сметам дека нема никаква логика да се крене рака на здравствени работници кои деноноќно се борат за животите на најблиските. Сите тие пристапи се казниви и се предвидени парични, но и затворски казни. Презедовме конкретни мерки со МВР, ќе има мобилна патрола во регионот на старата градска болница, каде што се случуваат најголем број инциденти, но и други места каде што се третираат голем број пациенти“, рече Филипче.

Протестот следува по неодамнешните напади на лекари и медицински персонал во болницата „Свети Наум Охридски“ во Скопје, во Поликлиниката – Драчево, а напади имаше и во Тетово и во Кавадарци.