Димковски: Дополнителната поддршка за лозарите допрва ќе се дизајнира – ММС
ММС

Објавено на: 09/18/19 1:47 PM

Димковски: Дополнителната поддршка за лозарите допрва ќе се дизајнира

Дополнително ќе се крои интервентната мерка  од државата за поддршка на лозарите годинава, поради намалените приноси на грозјето од сушата – најави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски од Росоман. Нагласи дека сите аспекти од годинашнава берба на грозје ќе се согледаат и ќе се донесе конечна одлука колку дополнителна поддршка за лозарите ќе се издвои.

„Бербата е при крај. Знаете со какви се проблеми се соочувавме. Во последниот месец бевме интензивно во комуникација со лозарите. Крајна оценка ќе дадеме со завршување на бербата. Бербата на црните сорти е при крај, смедеревка се бере, останува уште станушина. Се очекуваше вишок на грозје, но сушата си го направи своето. Ќе биде собрано сето грозје што ќе биде понудено. Годинава ќе се интервенира повторно  интервентно. Овие денови ќе седнеме со лозарите. Рековме мерката ќе ја дизајнираме според потребите. Имаше доста предели со суша. Приносите се намалени за 20-30%. Ќе го имаме во предвид и тоа  и во разговороите ќе го направиме тоа што е најдобро за лозарите“,  изјави Димковски.

Тој апелираше земјоделците да влегуваат во договорни обврски со самите винарии, за да се планира производството, а со самото тоа да  се разговара и за квалитет.

Министерот Димковски заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството, Николче Бабовски, беа во посета на винарија во Росоман, која инсталира опрема со поддршка од ИПАРД програмата. Повратени се 16,8  милиони денари, половина од инвестицијата.

„И компаниите и државата навистина знаеме како треба да се искоритстат евроспките фондови односно се она што е на располагање за модернизација и осовременување на производството“ , нагласи директорот на Агенцијата за финансиска поддршка.

 

Ангел Данов