Потенцијал за економска соработка со Косово и Албанија, проблем инфраструктурата – ММС
ММС

Објавено на: 09/18/19 12:34 PM

Потенцијал за економска соработка со Косово и Албанија, проблем инфраструктурата

Инфаструктурата и натаму е клучен проблем за поголема соработка помеѓу бизнисмените од земјава, Албанија и Косово. Тие денеска на средба во Скопје побараа од политичарите да ги забрзаат инфраструктурните проекти и да ги намалат процедурите за побрз проток на стока, што ќе резултира со нивна поголема соработка и трговска размена.

– Соработката меѓу нашите компании во регионот не е задоволителна и поради тоа денеска сме собрани тука да испратиме порака до владите  бариерите и проблемите што не тангираат на што побрз начин да ги решиме. Ќе дискутираме за проблемите. Бариерите се од различен вид, најпрвин инфраструктурата, потоа нетарифните бариери. Имаме и други проблеми кои веќе се решаваат и мислиме дека со овој настан ќе придонесеме да создадеме поубава клима на бизнисот во целиот регион – изјави Неби Хоџа, претседател на Комората на Северозападна Македонија.

Тој порача дека за бизнисот е неприфатливо изградбата на автопатот Скопје-Блаце да биде завршена до 2023 година и побара интензивирање на активностите.

Претседателот на Трговската комора на Албанија, Николин Јака порача дека целта е да функционираат како брз и ефективен триаголник и сите три страни да бидат функционални и ефективни:

„Како прва и најзначајна пречка во таа насока е патната инфраструктура за што ќе треба да се дискутира за да се преземат одредени мерки и активности, забележа Јака, посочувајќи дека е добро што ќе се олеснат сите постапки за транспорт на производи од една во друга држава,како и дека дополнително се отстрануваат даночните и неданочните пречки и бирократски постапки коишто ги одолговлекуваат сите активности“.

Според Скендер Красниќи, претседател на Стопанската комора на Косово, новиот автопат од Приштина до нашата граница веќе ја подобрил трговската размена.

Министерот за економија, Крешник Бектеши најави дека Владата ќе ги разгледа сите сугестии и барања од бизнис заедницата:

„Истовремено ќе разговараме многу отворено со нашите соседи за да ги укинеме сите нетарифни административни или технички бариери што можат да создаваат проблеми во трговска размена помеѓу нашите држави“.

Премиерот Зоран Заев оцени дека потенцијалот за соработка на стопнствениците од државава, Косово и Албанија е огромен:

„Тендерот за првата делница  од автопатот Скопје – Блаце е распишан, верувам дека  до крајот на годинава или почетокот на следната година ќе биде распишан и за вториот дел. Наша намера е со брз интензитет да го изградиме автопатското решение Скопје-Блаце во вкупна должина од 12 километри. Автопатот Кичево – Охрид  се гради со одлична динамика“.

Регионалниот Б2Б настан на стопанственците од трите држави се одржува во организација на Стопанската комора на северозападна Македонија. Бизнисмените и претставниците на институциите дебатираат на темите „Олеснување на трговијата преку институционална соработка меѓу Северна Македонија, Косово и Албанија” и „Можностите за соработка, инвестиции и заеднички пристап на регионалните пазари и пошироко”.