Пред почетокот на преслушувањето, обвинителката Фатиме Фетаи изјави дека разговорите се предадени онака како што ги добиле.
– Не смееме да ги раздвоиме. Како што ни се дадени од (премиерот) Зоран Заев, така ги предадовме, за да не биде дека нешто пропуштаме, истакна Фетаи.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и треба да бидат изведени околу 3.900 разговори, кои беа предложени како дополнителни докази од СЈО.
За петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.
Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм” го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.