Мистериозната личност што стои зад неодамншеното масовно купување акции на „Краш“ од Загреб наводно е српскиот бизнисмен Небојша Шарановиќ, во чија сопственост е кипарската групација „Капа стар лимитед“, пренесуваат хрватски медиуми.
Порталот „Новац,хр“ наведува дека информацијата е проверена од неколку извори, а било потврдено и оти Шарановиќ ги крие сметките на банките на кои сега се наоѓаат шест отсто од уделите во фабриката. Она што во моментот е нејасно е поради што тој сега трупа акции на „Краш“, кога претходно од месната индустрија „Пивац“ и од „Краш-ЕСОП“ доаѓаа најави дека тие нема да го продаваат својот заеднички портфељ од 51 отсто од акциите.
Медиумите се обиделе да добијат одговор од групацијата на Шарановиќ, но им било речено дека тој е на службен пат. Инаку, Шарановиќ го нарекуваат „крал на хартијата“, бидејќи во неговата групција има три фабрики за хартиени производи. Но, како да сака да го презема приматот и во кондиторската индустрија. Тоа го потврди во 2017 година кога ја купи компанијата „Банини“.