Со новиот Предлог закон за Академија за судии и јавни обвинители, власта сака целосно да го партизира процесот на избор на судии и јавни обвинители. Вака обвини денеска пратеникот Зоран Илијоски. Тој и уште деветмина пратеници од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ испратија писмо до евроамбасадорот Самуел Жбогар за да му ги предочат своите забелешки во однос на новото законско решение што го предлага Министерството за правда.
Според пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, ова законско решение е многу штетно и не го подобрува правниот систем туку дополнително ќе го партизира и уништи:
„Имено, власта со овој закон предвидува дури 70 од вкупно 100 поени, да се добиваат пред Комисија, по субјективна проценка, во која комисија влијание има министрот за правда. Ова значи дека власта на овој начин до јуни 2020 година планира да избере стотина или повеќе „подобни“ обвинители и судии. Сметаме дека со овој предлог закон наместо да се подобруваат стандардите и да се подигнуваат на повисоко ниво, власта го девалвира изборот на идни судии и обвинители со што го прави субјективен и да зависи од личности, а не од самиот квалитет на кандидатите“.
„Исто така, наместо да се воведе мерит систем за кандидатите преку рангирање на факултетите според шангајската листа и просекот што го оствариле кандидатите во текот на студирањето, со овој закон секој кандидат за кој што Заев и СДСМ сметаат дека е партиски подобен ќе може да биде судија или обвинител. Едноставно кажано со новиот Предлог закон за Академија за судии и обвинители полесно ќе биде да се стане судија или обвинител отколку државен службеник“, изјави Илијоски на денешната прес конференција најавувајќи дека ќе бидат поднесени и амандмани со цел да се подобри текстот на законот.
Од Министерството за правда пак, се огласија со писмено соопштение во кое наведуваат дека Предлог – законот за Академијата за судии и јавни обвинители обезбедува високи критериуми, систем на ревизија, но и транспарентност и се очекува да се создадат судии и обвинители со висок интегритет.
Законот за Академијата за судии и јавни обвинители беше објавен на Единствениот национален електронски регистар уште пролетта, а беше изготвен од стручна работна група составена од професори, судии и јавни обвинители. Предложените законски решенија, членовите на работната група ги оценија како основ за избор на најквалитетните и најстручните кадри кои треба да го подигнат нарушениот углед на судството и јавното обвинителство – велат од ресорното Министерство.
Во соопштението посочуваат дека пратеникот Илијоски критикува решение кое го гласал – кога било предложено од ВМРО-ДПМНЕ.
– Најпрвин, претставник на Министерството за правда предложен од министерот во Комисијата за прием и завршен испит е непроменето законско решение – односно истото е предвидено во постоечкиот закон донесен од ВМРО-ДПМНЕ во 2015 година.
Второ, како што посочуваат од Министерството за правда, квалификацискиот тест кој е еден од четирите тестови кој е од приемниот испит, со постоечкиот закон се смета за положен со 40,5 бодови. Со новото законско решение, овој праг значително се зголемува, што несомнено ќе придонесе кон избор на квалитетни судии и јавни обвинители.
Што се однесува до укинувањето на рангирањето согласно постигнатата оцена на факултетските студии, како што велат од Министерството за правда, истото се укина по препорака на експерти на Европската комисија, поради бројните правни факултети во државата, невоедначена студиска програма и високата и нереална проодност на факултетите.