Поддршка од Синдикатот на Клинички центар на протестот за насилството врз здравствените работници – ММС
ММС

Објавено на: 09/17/19 1:38 PM

Поддршка од Синдикатот на Клинички центар на протестот за насилството врз здравствените работници

Синдикатот на Клинички центар го поддржува протестот, што под мотото „Стоп за насилство врз здравствени работници” е најавен за утре на хелиодромот на скопските клиники, во организација на Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари.

Извршниот одбор на Синдикатот на Клинички центар денеска во соопштение го повика своето членство масовно да се придружи на протестот и ги извести директорите на јавните здравствени установи дека членовите на Синдикатот утре ќе ја користат получасовната пауза од 11 до 11 и 30 часот за да можат во тој период да се приклучат на протестот.

Како што најавуваат, вработени во Итната медицинска помош, членови на Синдикатот на Клинички центар, со еднолична свирење од сирената ќе изразат поддршка на протестот.

Од Синдикатот на Клинички центар велат дека во целост се согласуваат со министерот за здравство Венко Филипче оти насилството врз докторите, медицинските сестри и другите вработени во здравството е рецидив од минатото и резултат на претходните популистички политики и истовремено оценуваат дека тој не направил ништо во изминатиот период за да го реши тој рецидив.

– Ако неговиот претходник пред пет години, се соочувал со пет случаи на напади на доктор годишно, министерот Филипче се соочува со 15 случаи на напад на доктор за изминатите девет месеци од оваа година, соопштуваат од Синдикатот на Клинилки центар и дополнуваат дека ресорниот министер ги исклучил од учество во дебатите за решавање на проблемот со насилството во здравството.

Со таа постапка, оценуваат, ги оставил вработените во Клинички центар без влијание во креирање на политиките на надлежните институции во решавањето на овој многу важен проблем. Од дебатите наоѓање решенија за спречување на насилството, стои во соопштението, ја исклучил и Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари, иако е организатор на протестот на кој го најави своето присуство и рече дека ќе го предводи.

ИО на Синдикатот на Клинички центар прашува како може да се прави дискриминација на вработените во јавните здравствени установи и, како што соопштуваат, на едните да им обезбеди професионално обезбедување, а на другите да им посака добра среќа поради фактот дека по негови проценки се со помала веројатност дека некој ќе ги нападне.