Глечерот Мингјонг исчезнува со голема брзина. Научниците тврдат дека тоа исчезнување на еден од еколошки најразновидните делови на планетата е неизабежно.
Дури 15 отсто од светскиот мраз е заробен на Тибетската Висорамнина, во подножјето на планинскиот ланец Меили и врвот Кавакарпо, на 6.470 метри надморска височина. Научниците тоа подрачје го нарекуваат „трети пол“, бидејќи ги чува најголемите залихи мраз по Арктикот и Антарктикот.
Од 1970 година досега тибетскиот глечер загубил дури четвртина од својот мраз. Локалните жители за загрижувачката состојба ги обвинуваат туристите што ја загадувале областа, а, исто така, и немањето адекватни молитви за вакви неприлики до локалните божества!
Овие денови се очекува објавување на извештајот на Меѓувладиниот панел за климатските промени, чии научници проценуваат дека до крајот на векот ќе исчезнат две третини од тој глечер.