Големиот пожар на сува трева, нискостеблеста и дел на дабова шума во пробиштипскиот регион е целосно изгаснат утринава во 10.30 часот. Градоначалникот на Општина Пробиштип Драган Анастасов за Медиумската информативна агенција вели дека во пожарот, што почна од вчера попладне, изгореа големи површини во атарите на неколку пробиштипски села.
„Пожарникарите, резервниот состав, вработените во комуналното претпријатие, пожарникарите од Свети Николе, но и месното население од Петришино и Стрисовци беа вклучени во гаснењето на пожарот до 4 часот утринава. Месното население со механизација се вклучи и не се дозволи огнот да се приближи до селата. Проблеми правеше и ветерот“, вели Анастасов.
Утринава од од 7 до 10.30 часот пожарникарите и резервниот состав ги гаснеле жариштата кај селата Дренек и Зарапинци. Надлежните дополнително ќе утврдуваат колкава површина е изгорена во пробиштипскиот регион, а се претпоставува дека и во овој случај пожарот е намерно предизвикан од несовесен граѓанин.