Поранешниот премиер на Турција и еден од столбовите на Партијата за правда и развој (АКП) на претседателот Ердоган, Ахмет Давутоглу, вчера објави дека заминува од партијата, со што спречи да биде исфрлен од неа, и најави формирање на своја партија.
„Наша историска одговорност и должност кон нацијата е да основаме нова политичка партија. Поднесувам оставка на членството во АКП на која и’ служев чесно и за неа посветив голем напор во изминатите години“, изјави Давутоглу, кој беше премиер од 2014 до сменувањето во 2016 година.
Извршниот одбор на АКП во јули годинава едногласно одлучи да го испрати на дисциплинска комисија со цел за да го исфрли од партијата.
Од Ердоган се дистанцираа и некои други истакнати членови на партијата, како поранешниот претседател Абдулах Ѓул и поранешниот премиер Али Бабакан.