Заев и Рашковски го контролираат актуелниот конкурс за избор на кандидати во Академијата за судии и јавни обвинители, тврди опозицијата – ММС
ММС

Објавено на: 09/13/19 3:12 PM

Заев и Рашковски го контролираат актуелниот конкурс за избор на кандидати во Академијата за судии и јавни обвинители, тврди опозицијата

Актуелниот конкурс за избор на кандидати за судии и обвинители во Академијата за судии и јавни обвинители е под директна контрола на двоецот Заев – Рашковски. Ова го тврди опозициската ВМРО-ДПМНЕ, од каде обвинуваат дека премиерот Заев и генералниот секретар во Владата, Драги Рашковски имаат за цел да изберат 60 судии и јавни обвинители, кои претходно самите си ги одбрале во канцеларии.

„Со доаѓањето на власт на Владата на СДСМ електронското полагање на испити е префрлено во просториите на Правниот факултет во Скопје, каде што во овој момент полагаат потенцијалните кандидати за судии и јавни обвинители. Истиот тој факултет е поранешното работно место на генералниот секретар на владата. Фирмата која го спроведува ова полагање е поврзана со двоецот од владата Заев – Рашковски. Според информациите на ВМРО-ДПМНЕ, двоецот Заев – Рашковски преку системитизирана методологија влијае врз електронските резултати на кандидатите, а во текот на вчерашниот ден неколку лица директно поврзани со Заев, Рашковски и СДСМ оствариле нетипично високи резултати. Толку високи резултати досега не се постигнати откако постои Академијата“, изјави портпаролот на најголемата опозициска партија, Димче Арсовски.

Тој на денешната прес конференција праша што правел Рашковски на Правниот факултет, во текот на неговото работно време во Владата, токму во моментот кога полагале кандидатите блиски до него?

Бараме итна реакција од јавното обвинителство, кое по допрен глас треба уште веднаш да изврши електронска форензика и да испита како се постигнати историски високи резултати на тестовите од лицата кои се директно поврзани со двоецот Заев – Рашковски и со СДСМ, порачаа од опозицијата.