Претставата „Одам на лов”, напишана во 1892 година од францускиот автор Жорж Фејдо во режија на Деан Дамјановски, е комедија на вонбрачни заплети во која двајцата сопружници (парот Дишотел) решаваат, секој одделно, да направат брачна изневера. Но, сплетот на околности е таков што и пред двајцата се испречуваат мноштво пречки кои ги попречуваат да ги остварат своите намери, со што влегуваат од една во друга комична ситуација. Уметничкиот директор на велешки театар Васил Зафирчев рече дека Велешани треба да ја проследат претставата.
– Затоа што е во духот на добрите убави комедии кои што се специфика на нашиот ансамбл и на нашиот театар. Станува збор за познато дело на француски комедиограф поставено многу пати до сега на многу светски сцени па дури и на сцената на нашиот театар пред три децении. Велешани можат да очекуваат една шармантна и забавна комедија, со габаритна сценографија, убави костими и многу атрактивна актерска игра, рече Зафирчев.
Премиера на комедијата „Одам на лов” на сцената на Театар „Јордан Х.К-Џинот”, Велес е закажана за всабота, 14 септември со почеток во 20 часот.
Убавка Јаневска