Во недела на велешко езеро Младост ќе се одржи шестиот Велешки пливачки маратон – ММС
ММС

Објавено на: 09/13/19 2:13 PM

Во недела на велешко езеро Младост ќе се одржи шестиот Велешки пливачки маратон

Маратонско пливање за рекреативци и за професионални пливачи на 2,5 км на 5 км и 10 км во машка и женска конкуренција ќе се одржат , во недела на 15 септември, во водите на „Езеро Младост”. Шестиот Велешки пливачки маратон, годинава, со меѓународен карактер е посветен на прерано починатиот  д-р Милчо Трајков поддржувач на спортската манифестација.

– За прв пат е меѓународен бидејќи покрај пливачите од нашата земја ќе настапат пливачи и од Бугарија, Србија, Косово и Турција, рече Аце Коцевски градоначалник на Велес.

Пријавувањето на пливачите трае. До вчера, пријавени се вкупно 40 пливачи во професионалниот дел кои ќе влезат и во конкуренција за македонскиот Куп во далечинско пливање како и 30 пливачи за рекреативниот дел. Меѓу пријавените се најдобрите македонски пливачи.

-Меѓу нив е и Евгениј Поп Ацев, прв на ранг листата на Ултрамаратони на Светската пливачка федерација. Врховни судии на маратонот ќе бидат Васил Велков за машката трка и Андријана Прокопиева од Бугарија за женската трка, рече Илија Попов претседател на ЗГ за спорт и рекреација „Клуб 28″ од Велес.

Рекреативнот пливачки маратон, во недела, ќе стартува во 10 часот и два часа подоцна професионалниот маратон како финале на Македонскиот куп во далечинско пливање. Стартот и целта се во дворот на мотел „На велешко езеро”.

Организацијата на маратонот е на многу високо ниво, оцени , Горан Стојановски член на Управниот одбор на Националната пливачка федерација која заедно со Општина Велес и ЗГ за спорт и рекреација „Клуб 28″ од Велес се организатори.

– На овој маратон ќе учествуваат сите најдобри македонски пливачи меѓу кои и Евгени Поп Ацев, победник во светската серија на Ултра маратони, што заврши пред некој ден. Би сакал да нагласам дека во организацијата добивме огромна поддршка од градоначалникот на Општина Велес и ЗГ за спорт и рекреација „Клуб 28″ од Велес. Досега сторивме се да ги обезбедиме основните, најдобри  услови за одржување на маратонот.  Обезбеден е и наградниот фонд за најдобрите поточно за прво, второ и трето место во трите категории на пливање, во машка и во женска конкуренција на Велешкиот пливачки маратон, рече Стојановски.

Живата легенда на македонскиот пливачки спорт Томи Стефановски, еден од најголемите спортисти што Македонија воопшто ги имала досега ,спортски првак во маратонско  пливање во 2016 година и еден од тројцата Македонци кои успеаа да го препливаат „Ла Манш” поточно во 2009 година и воедно единствен македонски спортист примен во „Куќата на славните” е сигурен дека Велешкиот маратон ќе стане препознатлив дома како и надвор од границите на Македонија.

-Безрезервно би се вложил бидејќи кога гледам ваква атмосвера и поддршка, реткост денеска во Македонија, мислам дека сите заедно би требало да ги дадеме своите знаења и своите сили за што би се гордееле по пет или десет години. Кога ќе дојдеме до 10-тиот јубилеен маратон заедно со градоначалникот да направиме програма која ќе овозможи да видиме и учесник од Велес во професионалниот дел на маратонот, рече Стефановски.

Годинава маратонот ќе го обезбедуваат 30 спасители на велешкиот и на Републичкиот Црвен Крст како и еден тим нивни колеги од Република Бугарија како и 20 кајакари од велешките кајакарски клубови организирани од КК „Бабуна”.

Организаторите упатија покана до сите Велешани и граѓани во државата, љубители на маратонското пливање , да дојдат во недела , на 15 септември, на мотел „На велешко езеро” за да го проследат настанот.

Убавка Јаневска