Христијан Мицкоски за шеф на новото јавно обвинителство го предложи Владимир Панчевски кој е суспендиран и против кого се води истрага за злоупотреба на АКМИС системот, рече Костадин Костадинов, член на ИО на СДСМ и портпарол на партијата во емисијата Патот кон на Аласат Телевизија.
Костадинов истакна дека е мошне значајно што предметите од СЈО се обезбедени и по нив ќе постапува надлежна институција.
– Правда и одговорност за сите, значи тоа. Јасно порачавме дека правна држава и правда мора да има и секој кој се огрешил пред законот мора да одговара, истакна Костадинов.
Сето тоа, додаде, направи паника во ВМРО –ДПМНЕ кои прават последен обид да ги спасат криминалите и криминалците, а кои што за владејачката партија значат црвени линии кои нема шанси да се поминат.
– Сепак, оставаме простор согласно демократските принципи на РСМ , ВМРО-ДПМНЕ да се огради од криминалите и криминалците и заеднички да го донесеме законот за ЈО, посочи Костадинов.
Дека ВМРО-ДПМНЕ сака предвремени избори, истакна, е само фарса, затоа што ако беше поинаку ќе беше споменато и на лидерската која се одржа, а такво прашање воопшто немаше.
Според Костадинов, ако на некого му одговара да се случат избори тоа е СДСМ, затоа што, како што вели, анкетите на јавното мислење покажале дека рејтингот на владејачката партија е поголем.
МИА