Лозарите го блокираа патот Градско – Прилеп – ММС
ММС

Објавено на: 09/12/19 8:36 PM

Лозарите го блокираа патот Градско – Прилеп

Eден час, доцна попладнево лозари го блокираа патот Градско-Прилеп кај Росоман, во знак на револт поради ниската цена на грозјето. Протестот го организира регионалното здружение „Тиквешки лозаро овоштари“, но на повикот за протест се одзваа одвај десетина лозари.

Беа повторени барањата за повисока цена на винското грозје.

„Работата на земјоделецот е неисплатлива бидејќи никој не ги зема во предвид деновите поминати на работа во нива, при формирање на цени на земјоделски производи. . Земјоделецот работи и заработува колку да го прехрани семејството. Но и тоа веќе не е можно, бидејќи повеќе се троши на производство, отколку што се заработува од продажбата на земјоделските производи, вели  Трајче Душковски од селото Трстеник, производител на грозје и праски.

„За вранецот баравме 18, а за смедеревката 16 денари, но ништо не излезе од тоа. Сега винариите откупуваат вранец за 11 денари“,  се пожали друг лозар присутен на протестот.

Со предупредувачки протест од здружението „Тиквешки лозаро овоштари“ продолжуваат и утревечер. Најавија дека со механизација ќе протестираат на градскиот плоштад во Кавадарци.

Ако нема резултати од предупредувачките протести, од здружението велат дека ќе организираат и генерален штрајк.

 

Ангел Данов