Малолетник се бори за живот по напад со нож во автобус на ЈСП – ММС
ММС

Објавено на: 09/12/19 2:35 PM

Малолетник се бори за живот по напад со нож во автобус на ЈСП

Шеснаесетгодишен скопјанец е хоспитализиран во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, откако се здобил со тешки повреди при инцидент што попладнево се случил во автобус на ЈСП Скопје.

До инцидентот дошло кога две групи малолетници почнале тепачка во автобус број 56. При тоа, повредени се четири лица, а меѓу нив и шеснаесетгодишникот кој е во животна опасност, откако се здобил со повеќе повреди од остар предмет.

Повредените прво биле однесени во Градската општа болница „Осми септември“, од каде потешко повредениот е препратен на комплексот клиники Мајка Тереза – образложија во изјава за Телевизија Алфа од Болницата.

Во попладневните часови во Ургентниот центар на Болницата беа донесени четири малолетници, од кои едното имаше рани по целото тело од убоди од нож, најмногу околу градниот кош и абдоминалната шуплина, но исто така и на екстремитетите. Поради сериозноста на раните во близина на срцето беше транспортиран на „Мајка Тереза“ – изјавија од ГОБ „Осми септември“.

Другите три деца се со полесни повреди. Едното има повреда на главата и површна рана на едната дланка, другото дете е со тапи повреди само по телото и по главата и едното е со мали убодни рани на двете подлактици. Тие се во стабилна состојба и најверојатно ќе бидат испратени и на домашно лекување – додаваат оттаму.

Настанот го потврдија и од Министерството за внатрешни работи. Иако првично во инцидентот имаше тројца повредени, најновите информации говорат дека повредено е уште едно лице. Полициски службеници од СВР Скопје, како што појаснуваат од МВР, излегле на увид и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.