„Велешки пливачки маратон 2019″ в недела – ММС
ММС

Објавено на: 09/12/19 2:31 PM

„Велешки пливачки маратон 2019″ в недела

„Велешки пливачки маратон 2019″ по шести пат ќе се одржи в недела на езерото „Младост”, а годинава за првпат станува меѓународен на кој освен од земјава ќе учествуваат и пливачи од Бугарија, Србија, Косово и Турција. Од Националната пливачката федерација на Македонија кои се коорганизатори на маратонот заедно со Општина Велес, најавуваат догодина овој маратонот да влезе во Фино Светската серија за маратони и да биде бодуван во светски рамки, со учество на звучни пливачи маратонци.

Велешкиот пливачки маратонот годинава ќе биде посветен на неодамна починатиот д-р Милчо Трајков кој беше претседател на Црвениот крст и подржувач на маратонот и на спортот.

Натпреварите ќе се одвиваат во три категории на 2,5 километри рекреативни и на пет и десет километри во машка и женска конкуренција. Рекреативниот маратон ќе стартува во 10 часот, а во 12 часот е Македонскиот куп во далечинско пливање. Велешкиот плливачки маратон воедно е и последна трета трка од овој куп после двете одржани на 2 и 10 август во Охрид и затоа ќе бидат прогласени најдобрите во овој куп.

Пријавувањето на кандидатите се врши на фејсбук страницата на Велешки пливачки маратон и досега се пријавиле 40 за рекреативниот и 30 за професионалниот маратон.

Илија Попов од Здружението за спорт и рекреација „КЛУБ 21″, информира дека годинава маратонот ќе има 30 спасители на вода од Велес, Скопје, како и спасители на вода од Бугарија, а поддршка на маратонот ќе даваат и 20 кајакари од КК „Бабуна” од Велес”.

Горан Стојановски од Пливачкатата федарација информира дека организацијата на маратонот годинава е на највисоко ниво. Тој најави дека на него ќе учествуваат најдобрите пливачи од пливачките клубови во земјава, а организаторите обезбедија и парични награди.

– За догодина ќе предложам Велешкиот пливачки маратон да влезе во Фино Светската серија за маратони, а тоа ќе значи на него да учествуваат и звучни имиња од маратонското пливање во светски рамки, најави Стојановски.

Воедно информира дека ќе се заложи маратонот да учествува и во националните првенства за маратонско пливање во земјава.

Стојановски посочи дека ќе помогне градот Велес да добие пливачки клуб и истиот да се развива и од него да произлезат идни пливачки маратонци.

Томи Стефановски, светскиот првак во маратонско пливање за 2016-та и кој во 2009 година го преплива Ла Манш, на денешната прес-конференција во Велес потенцира дека е присутен уште од првиот Велешки маратон во 2014-та и оти ќе го поддржува истиот да прерасне во традиционален.