Лозарите започнаа предупредувачки протести за повисока цена на грозјето – ММС
ММС

Објавено на: 09/12/19 1:58 PM

Лозарите започнаа предупредувачки протести за повисока цена на грозјето

Незадоволни од откупната цена на грозјето, дел од лозарите од синоќа започнаа со серија на предупредувачки протести. На протестот во Неготино излегоа со земјоделска механизација. Организатор е регионалното здружение „Тиквешки лозаро овоштари“ што се формира пред околу еден месец.

Беа упатени барања за поголема едукација,  одредување на загарантирана цена за килограм грозје и стручни служби да одредуваат технолошка зрелост на родот и неопходна шеќерност при откуп, како и полесен пристап до европските фондови.

Наместо најавените два денара по килограм продадено грозје во винарија, лозарите од протестот побараа  субвенција од по три денари.

“Ќе заврши бербата ќе викнеме генерален штрајк. За почеток сме малку. Но ќе се зголемува нашиот број на протестот. Како да ти натераме нашите деца да работат на лозовите насади за цена на грозјето од 10 денари? Не се согласуваме со таа цена. Бараме 17 за смедеревката и 18 за вранецот. Државата да прогласи елементарна непогода и да ни исплати отштета поради сушата“ вели Златко Стојчев, лозар од кавадаречкото село Сопот, кој одгледува винова лоза на површина од 30 хектари. Тој воедно е и претседател на здружението.

Вечерва најавена е блокада на патот Градско – Прилеп кај Росоман, а за утре е  протест на градскиот плоштад во Кавадарци.

Дел од лозарите велат дека протестите се задоцнети,  бидејќи бербата е во полн ек и не очекуваат ништо да се промени,  во поглед на откупната цена. Бараат политиката да ги тргне рацете од производителите на грозје и да не се манипулира со нив.

Деновиве од здружението „Напредни лозари“ пак се заблагодарија на понудената субвенција од државата и најавија дека следната година многу порано ќе бараат објавување на откупната цена на грозјето, за чие формирање треба да се произнесе и факултетот за земјоделство.

Ангел Данов