Прва ликовна колонија во Домот на млади во Штип – ММС
ММС

Објавено на: 09/12/19 8:49 AM

Прва ликовна колонија во Домот на млади во Штип

Во Домот на млади во Штип почна првата ликовна колонија насловена „Колонија на различностите”, која е резултат на соработката на младиот Христијан Митевски и Домот на млади, со поддршка на Министерството за култура. 

Учествуваат 30 млади, а целта на тридневната колонија е, како што посочува директорот на домот  Горан Трајков, да  се спроведуваат активности за инклузија и надминување на стереотипите. Ќе заврши утре во 18 часот со изложба на сите цртежи што ќе ги изработат младите учесници.

– Станува збор за прва ликовна колонија организирана од Домот на млади. Таа ги опфаќа различностите, посебностите, вештините, хуманоста, солидарноста, заедништвото и идеите на заедницата кои можат една општина да ја направат интересно место во кое ќе сакаат да живеат, да работат, да творат, изјави Трајков.

Додаде  дека  ликовната култура во Домот на млади може да биде столб во подобрувањето на квалитетот на културната понуда за младите од Штип и од поширокиот регион.