„Макканабис” апелира до Владата да се дозволи извоз на цвет од канабис – ММС
ММС

Објавено на: 09/11/19 2:20 PM

„Макканабис” апелира до Владата да се дозволи извоз на цвет од канабис

Да се дозволи извоз на цвет од канабис, да не се бара банкарската гаранција од милион евра, одгледувачите да не се обврзуваат да уплатат 10 отсто од годишната добивка на посебна сметка, фирмата да нема обврска да вработи минимум 15 лица, да се изготви посебен закон за канабис. Ова се дел од забелешките на здружението Макканабис во однос на Предлог- Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции.

Од здружението ја поздравуваат мерката за овозможување на извоз на цвет, не како досега само масло/екстракт. Но, проблемот со неможноста за регистрација на производ во Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД, останува.

-Не можеме да направиме никаков извоз во земјите од ЕУ поради немање на euGMP сертификат. А за да го добиеме потребна ни е регистрација на производот во МАЛМЕД. Значи не станува збор за краен производ – шишенце од 10мл, туку големи извозни пакувања од 1 литар кој аптеките во ЕУ понатаму ќе го продаваат како генерички лек. Без Владата да даде прецизни насоки на МАЛМЕД и на Царинската управа, пак ќе остане само напишано на хартија дека може извоз, а дефакто „не” – вели претседателот на здружението, Костадин Дуковски.

Смета дека воопшто не е потребна банкарска гаранција, затоа што како приватни субјекти кои инвестираат, продуктот не се продава на Владата ниту пак таа овозможува било какво субвенционирање.

„Врз основа на какви показатели Владата смета дека е потребна банкарска гаранција од милион евра. Владата не распишува тендер за набавка на производ, а со тоа банкарската гаранција да може да се активира доколку не се испорача од операторот. Доколку некогаш распише тендер за набавка на производ, нормално тогаш ќе се бара банкарска гаранција“, вели Дуковски.

Од Здружението го поздравуваат формирање на нова агенција за канабис.

-Доколку се преработи измената на Законот и ние како производители директно комуницираме само со таа нова агенција, наместо со како до сега со  ВЛАДА, МЗ, МАЛМЕД, МЗШВ, ние производителите таа агенција ќе ја подржиме и доколку е потребно ќе ја спонзорираме со опрема/мебел и слично – вели претседателот на „Макканабис”.

Од Здружението апелираат да се мотивираат аптеките да набават од производителите и сами да го прават мешањето на концетрациите, како што е и во земјите од ЕУ. Со сегашниот принцип на работа само се поддржува монопол – а цената ја плаќаат пациентите повеќекратно од потребното. На пример: Пациент со карцином плаќа 12.000 денари, за да му се намалат мачнините и повраќањето по примена хемо-радио терапија за 10 дена, а истата терапија не би чинела повеќе од 2.500 денари.

Задружението бара и посебен Закон за канабис.