Прилепското вештачко езеро е комплетно испразнето и почнаа работите на проектот за промена на системот за испуштање на водата од браната, вреден девет милиони денари. Зафатот почна лани но беше прекинат поради неповолните временски прилики и поради сезоната за наводнување.
Ѕвонко Талески, директор на Водостопанското претпријатие „Прилепско поле”, објасни дека работите треба да завршат до крајот на месецов и битно е што се чекаше прво да заврши сезоната за наводнување, до 6 септември.
-Во петокот на 6 септември заврши годинашнава сезона за наводнување. Веднаш ја почнавме втората фаза, односно прекинатите активности од јануари за испуст на езерото и за да се заврши проектот за промена на испустот на браната. Во јануари го прекинавме проектот поради временските услови. Со фирмата изведувач „Жигол” и со надзорот од Градежниот институт од Скопје се донесе заклучокот на 24 јануари да се прекинат активностите, за успешно да се спроведе годинашнава сезона за наводнување, па потоа да се работи на проектот. Со посебно залагање на вработените во „Прилепско поле” успеавме до крај да ја доведеме сезоната за наводнување и да им пружиме успешна услуга на водокорисниците. Во текот на оваа недела фирмата „Жигол” ќе ги продолжи подготовките за завршувањето на овој проект. Од идната недела пристигнуваат подизведувачите, тоа е фирма од Ниш, Србија која се занимава со монтажа на хидромеханичката опрема. Конечно ќе биде решен еден голем проблем и е од круцијално значење за Прилеп и ова е позитивен проект. Се решава голем проблем, се променува темелниот испуст на браната. Се променува главниот вентил, кој досега беше еден и ќе се постават два вентили – еден сигурносен, односно конусен и еден „лептирест” вентил, објаснува Талески.
Од тутунското здружение „Мице Козар” велат дека тутунарите се исплашени дека врвните, најквалитетни берби ќе останат без вода и со тоа го намалуваат родот за 20 отсто. Данчо Милески, претседател на Здружението апелира работите да завршат што побрзо.
-Водата со дождовите во јули се задржа во акумулацијата, но последниве два месеца нема паднато ниту капка дожд . До 5 септември имавме последно наводнување. Што се однесува до развојот на тутунот, сѐ уште ги имаме за берење „врвните раце”, а тоа е најквалитетниот тутун кој носи највисоки класи. Но мислам дека тоа природата ќе си го земе зашто нема да се наводнува и листовите нема да пораснат. Високите температури ќе предизвикаат нагло овенување и горење на врвните листови. Инаку поради сушниот период нема да се достигнат побарувањата на комапниите за реколта тешка од 25 000 тони во целава земја, туку се очекува реколтата да тежи околу 20 000 тони тутун, вели Милески.
Од „Прилепско поле” нагласуваат дека направиле натчовечки напори да обезбедат повеќе турнуси за наводнување и покрај сушниот период.
-Тутунопроизводителите и водокорисниците со склучувањето на договорите беа информирани дека водата во акумулацијата со која располагавме тој период не е доволна за целата сезона за наводнување. претходните години сезоната, обично траела до крајот на септември. Нивните барања беа да се овозможи вода за наводнување барем за садењето на тутунот. Но и покрај сушниот период ние успеавме да обезбедиме четири турнуси. Дури го искористивме и биолошкиот минимум од 680 000 кубни метри вода за да им излеземе во пресрет на корисниците, рече Талески.
Проектот чини 9 милиона денари кои се насочени кај изведувачот и се исклучиво наменети за проектот. Според укажувањата на изведувачот, проектот треба да заврши до крајот на овој месец, за во октомври да почне да се собира секоја капка вода во езерото за навремено да се подготвиме за наредната сезона за наводнување.
Од „Прилепско поле” објаснуваат дека тие стопанисуваат со водата во акумулацијата, а рибниот фонд е во надлежност на концесионерот, Спортско риболовниот клуб „Мамец” од Прилеп кој годишно порибува, а лани бил известен за испустот на водата за да се погрижи за рибниот фонд. Ѕвонко Николоски, претседател на СРК „Мамец” потврдува за ланското известување, но вели дека за овој испуст не биле писмено информирани од Министерството за земјоделство. Побарале увид на состојбата.
– Ние сме 15 години концесионери на ревирот „Црна Река 2″ во кој спаѓа рибниот фонд во Пирлепското вештачко езеро. За ланскиот почеток на работите со испустот на водата во езерото бевме информирани да го дислоцираме рибниот фонд, но за овој испуст деновиве не добивме никакво писмено известување од Министерството за земјоделство. Сега имаше помал рибен фонд, според слободна проценка околу 200 до 300 килограми риби и дел подмладок, тие се дел уловени, дел испуштени во река. Денеска ги известив со допис и Министерството за земјоделство и Државниот земјоделски инспекторат да направат увид, ни изјави Николоски. Концесионерот има обврска годишно да порибува со подмладок на крап и доколку се наполни езерото до декември треба да се пориби со 150 килограми подмладот од крап.
Инаку, вкупниот капацитет на прилепското вештачко езеро е околу шест милиони кубни метри вода за наводнување на околу 2 500 хектари.
Што се однесува до акумулацијата кај селото Десово, таму, според надлежните од „Прилепско поле” има уште малку вода за уште една недела наводнување кога ќе заврши годинашнава сезона. Таму денеска се променува „шибер-вентилот” и нема никаков проблем со браната.