Македонската јавност со години знае за проблемот со огромното загадување кое го продуцираат производителите на вар во струмичкото село Костурино и други места. Во меѓувреме, за тоа дозна и германската јавност.
Додека во македонската јавност често се јавуваат недоумици поради зголеменото загадување со канцерогени честички и ненадејните појави на густ црн чад во разни населени места, екипа на германската државна телевизија АРД откри еден од изворите на загадувањето- струмичкото село Костурино.
Во Македонија се палат камионски гуми заради производство на вар, а загадувањето достигнува и 999 ПМ2,5 честички во воздухот се наведува во репортажата од струмичкото село Костурино на германската државна телевизија АРД. Репортерите на АРД посетиле двајца илегални произведувачи на вар во близина на селото кои притоа придонесуваат за огромно загадување за животната околина.
Македонската јавност веќе беше запознаена со случајот во декември 2018 година, кога иницијативата 02 објави фотографии и видео снимки од ложењето гуми во истото село и за истата потреба- производство на вар.
Од репортажата на АРД произлегува дека и покрај шокот во јавноста кој тогаш го предизвика објавата на 02, во меѓувреме во Костурино ништо не е сменето, ниту има некаква реакција од надлежните.
Напротив, двајцата протагонисти, 17-годишниот Мане и 35-годишниот Зоран, во приказната на АРД отворено раскажуваат дека не ги плаши казната од надлежните, кои и онака ретко вршат контроли.
Во продолжение, еве ја приказната на АРД:
„За да се постигне потребната температура од 1.000 степени Целзиусови, се палат камионски гуми. Секојпат кога ќе стават нова гума во печката, во воздухот се ослободува огромен црн облак. Црните траги од палењето на гумите можат да се видат на оддалеченост од повеќе километри. Гумите горат побрзо и ослободуваат поголема топлина од дрвото и притоа се и поевтини- Мане и Зоран ги купуваат на отпад за околу 100 денари парче. За производство на потребното количество вар се трошат шест тракторски приколки со камен и 200 камионски гуми, а целиот процес трае 48 часа.
Инструментите на репортерите на АРД измериле неверојатни 999 Пм2,5 честички во воздухот во околината на печката каде се палат гуми
Мане и Зоран непрекинато и без заштита го дишат чадот. А загадувањето е огромно. Мерачот на новинарската екипа на АРД покажува загадување од 999 микрограми ПМ2,5 честички. И концентрацијата на ПМ10 честичките исто така е астрономска- 1.730! Дозволената граница на ПМ2,5 честички на европско ниво е 25. Но, двајцата го игнорираат тоа. Тврдат дека чадот не им пречи, ниту пак го сметаат за нездрав. Мане објаснува дека неговиот дедо, кој целиот живот произведувал вар, живеел 85 години. За заштита на животната средина не сакаат ни да зборуваат- на крајот на краиштата, никој досега не се пожалил.
Мане и Зоран не се загрижени ни од опасноста од казна за тоа што го прават, доколку бидат откриени, таа изнесува околу 300 евра. Контролите се ретки, а заработувачката им е добра- околу 400 евра за една тура вар или просечна месечна плата во Северна Македонија“, пишува АРД во репортажата од Костурино.
DW