Две делници од Источна Македонија во моментов имаат по една црна точка, која им прави проблеми при редовното движење на граѓаните. Едната е кај Истибања, која е во најголем дел санирана, додека втората на патот кон Пробиштип, допрва се санира.
Кога ќе се тргне од магистралниот пат Штип – Кочани кон Пробиштип, по само неколку стотина метри возилата се пренасочуваат и се движат по лош, алтернативен пат, што покрај тоа што го забавува патувањето, ги оштетува и визилата. На ова реагираат граѓаните кои секојдневно патуваат на оваа релација, која подолго време е во реконструкција. Работите ќе потраат уште некое време, бидејќи како што објасни премиерот Зоран Заев, кој беше на терен, при целосното отсранување на стариот асвалт, утврдено е дека се работи за нестабилна подлога поради што е направено препроектирање.
– Од понеделник (09.09) со три оперативи ќе почне да се рехабилитира овој патен правец. Реагираат граѓаните, бидејќи имаат штети на возилата, често се користи овој пат, кој е главната врска на Пробиштип со остатокот од државата и е многу значаен. Се изгуби дополнително време, но со отранување на горните слоеви се виде дека е нестабилна почвата, но со новата проектна документација, се стабилизира и почнуваат изведбените активности, рече Заев.
Овој пат почна да се реконструира во средината мај, а предвидени се над 212 илиони денари.
Втората проблематична точка, која летото со денови го затвори најбрзиот пат од Штип кон бугарска граница кај Истибања. Станува збор за големото свлечиште, што по обилниот дожд на почетокот на јули, истури цел рид земја и камења на коловозот. Директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов вели дека се работи за периодот на интензивни врнежи, кога се случи големото невреме во Грција.
-Тој проект за рехабилитација од Кочани за Делчево од Светска Банка, што го опфаќаше и тој дел и чинеше некаде пет милиони евра, е завршено. Во самата студија пред десет години е укажано дека поголем дел од свлечиштето треба да биде опфатено. Зошто не било опфатено тогаш, прашајте некој друг. Ние со активности почнавме во петокот, веднаш по невремето, преку директно преговарање, бидејќи патот беше затворен. Во саботата почнавме со минирање на патот. Иако во нормални услови е предвидено таму да се работи повеќе од еден месец, ние го завршивме за 15 дена. Опфатен е поголем дел, саниран е и тој дел е решен, изјави Китанов.
Сепак, и оваа интервенција не е доволна за трајно решение на проблемот.
-За трајно да се реши, треба една поголема студија, која да бидам скромен, чини седум до осум милиони евра, рече Китанов.
Карпите околу Истибања се редовен проблем во текот на периодот на интензивни врнежи, а е важна сообраќајна артерија, која води кон бугарската граница.