Министерството за внатрешни работи испрати претставки до Здружението на новинари на Македонија, Советот за етика во медиумите и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги поради информирањето на одредени медиуми за инцидентот на фудбалскиот натпревар во село Волино.
Како што соопштија од МВР, претставката е поради очигледното свесно дезинформирање од одредени медиуми во врска со инцидентот и очекуваат новинарските организации да реагираат на ваквото непрофесионално постапување.
-Се надеваме дека овие организации соодветно ќе реагираат на непрофесионалното, неетичко и очигледно свесно дезинформирачко постапување со цел поттикнување на омраза, насилство и нетрпеливост на неколку медиуми, иако уште од почетокот со усна информација, а потоа и по писмен пат и преку извадокот на дневни настани Министерството за внатрешни работи детално информираше за овој настан – се наведува во соопштението на МВР.
Инцидентот во Волино се случи вчера попладне кога поради незадоволство од одлука на судиите 47-годишно лице од селото влегло на теренот со цел да ги нападне. Полициски службеници интервенирале и при преземање на мерки за приведување на лицето, тоа пружило отпор. При тоа, полициските службеници во извршувањето на службени дејства биле попречувани од страна на седум лица од Волино, кои се приведени во охридската Полициска станица.
Жителите од Волино незадоволни од полицијата и нивната реакција прво го затвориле патот за излез од селото а потоа пи ротестираа пред седиштето на СВР Охрид.
Во официјалниот записник нема ништо за инцидентот кој се случил во текот на натпреварот. Фудбалскиот клуб Сатеска нема да подлежи на дисциплинска постапка од ФФМ.