Публиката ја прогласи Биба Додева за победничка на втората вечер на Охридски трубадури – ММС
ММС

Објавено на: 09/7/19 3:05 PM

Публиката ја прогласи Биба Додева за победничка на втората вечер на Охридски трубадури

„Цреши охридски“ е насловот на темата која победи на втората вечер на Охрид фест – Охридски трубадури, посветена на поп музиката. Песната ја интерпретираа Драгн Спасов Дац и Александар Митевски,  а токму тој и се потпишува како комплетен автор. Оваа тема е првонаградена од стручното фестивалско жири, а првата награда од жирито од публика пак, отиде во рацете на Биба Додева.

Нејзиниот сингл „Како некогаш“ и’ донесе 89 гласа, а со само еден глас помалку, второто место од жирито од публиката го освои песната која стручното жири ја прогласи за првонаградена – „Цреши охридски“. Темата „Каде да те најдам“ и’ го донесе третото место на Лени Патрикова.

На втората фестивалска вечер беа изведени 17 поп композиции, а она што беше карактеристично за истата е сомнежот на Драган Спасов Дац, кој сметаше дека гласовите од публиката не се точно преброени, откако темата со која тој и Митевски настапија, го добија второто место од публиката. По ова, Биба Додева која беше прогласена за победничка од страна на публиката, реши да се симне од сцената и беше донесена одлука за повторно прегласување. Сепак, резултатот остана ист.

Дваесет и шестото издание на Охрид фест завршува вечерва, кога се очекува да настапат бројни музички ѕвезди од регионот.