Нема суштествен напредок и по денешните разговори меѓу власта и опозицијата за Предлог законот за Јавно обвинителство. Министерката за правда, Рената Дескоска ја обвини опозицијата дека е индиферентна, а очекува преговорите да продолжат по вторник. Во однос на писмото што обвинителката Катица Јанева го испрати додека е во притвор со барање сите предмети на СЈО да ги преземе Јавното обвинителство, што пак денеска беше прифатено, Дескоска вели дека е изненадена.
„Имавме денеска една рунда разговори. За жал немаше суштествен некаков напредок, заклучок, па би рекла немаше ни суштински разговори. Носењето на Законот е се’ уште неизвесно, заради тоа што не можеа да се затворат ниту прашања за трансферот на луѓе коишто би останале од СЈО, вработените“, изјави министерката.
„Сега настапи план Ц на сцена, па отпадна потребата од план Б. Ова беше непланирано, но се случи. Што да кажам? Ова направи влијание врз преговорите, но ние остануваме посветени на потребата од донесување на Законот. За план Б веќе нема потреба, затоа што континуитетот на предметите е обезбеден“, додаде таа.
Пратеникот Антонио Милошоски кој е дел од работната група вклучена во преговорите, смета дека писмото од Јанева претставува само добра координација Владата, Јанева, Рускоска и Јовески, што пак ресорната министерка го отфрли како лажна вест.
„Имавме повторно средба на која се дискутираше Предлог законот за обвинителство и клучните разлики остануваат без заеднички консензус. Имаме цврсти аргументи да понудиме консензус за прифаќање на квалитетен Закон за обвинителство, но најмногу зависи од политичката волја и од Министерството за правда. Ме зачудува што од коалицијата СДСМ или ДУИ поднесуваат амандмани кои Владата веќе ги прифатила. Сите сме сведоци од писма од притвор. Ние го имаме следниов коментар: секој притворен обвинител, се смета дека е оддалечен од работното место, односно суспендиран. Писмата не се нејзина самостојна иницијатива, се работи за една добро координирана акција меѓу Заев, рекетарката Јанева, министерката за правда Вилма Русковска и обвинителот Јовески“, рече Милошоски.
Власта и опозицијата за новиот Закон за ЈО преговараат веќе со месеци, но досега безуспешно. Собраниската расправа за него почна минатата недела. Новото законско решение треба да биде донесено по скратена постапка. За него е потребно дво третинско мнозинство и се очекува да биде донесен до 15 септември.