Најавени субвенции за пораст на платите, ќе има ли зголемување и на минималната плата – ММС
ММС

Објавено на: 09/6/19 7:38 AM

Најавени субвенции за пораст на платите, ќе има ли зголемување и на минималната плата

 Во јавноста деновиве повторно се актуелизира прашањето за зголемување на минималната плата, откако министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека минималецот ќе порасне на 15.500 денари. Од Владата потврдија дека покачувањето на минималната плата е планирано, но оти се уште не се знае колкава ќе биде висината. Покрај најавеното зголемувањето на минималната плата, се отвора можност за покачување и на останатите плати и со најавената владина мерка за субвенционирање на придонесите доколку работодавачите им ги зголемат платите на вработените во износ до 6.000 денари.

Претставниците на стопанството стравуваат од можноста оваа мерка да не се претвори во оправдување за паралелно да се зголеми минималната плата. Порастот на минималецот, велат, треба да е природен процес, а не наложено решение и да е резултат на продуктивноста на стопанството. Бајпрво треба да се види ефектот од субвенционирањето на придонесите, а потоа да се разговара за минималната плата. Синдикатот пак, смета дека зголемување на минималната плата треба да има и оти тоа треба да биде во висина од најмалку 12 отсто од износот на сегашната или околу 1.000 денари. Во моментов износот на минималната плата е 12.507 денари.

Владата како активност што може да придонесе за зголемувањето на минималната плата ја посочи и вградената мерка со ребалансот на Буџетот, со којашто се предвидува државата да ги покрива придонесите за здравствено и пензиско осигурување, доколку работодавачот ја зголеми платата на работниците во нето износ од 25 отсто од просечната плата. Мерката треба да почне да се применува од октомври годинава. Требва да помогне во сузбивање на сивата економија и давањето плати во кеш.

-Пресметката е вклучена во ребалансот и сметам дека е добро тоа што мерката ќе овозможи малите и средни компании и воопшто на компаниите да можат да дадат поголеми плати, а притоа да бидат ослободени од плаќање на придонесите, рече во интервју за МИА министерката за финансии Нина Ангеловска на првиот ден од нејзиното преземање на функцијата.

Со мерката, како што укажаа од Владата, ќе се поддржат компаниите коишто се соочуваат со потешкотии за наоѓање и задржување на стручен кадар. На тој начин, ќе се поттикне и продуктивноста на компаниите што е основа за економски раст. Од друга страна ќе се поттикне спиралата на плати, што ќе се рефлектира на забрзан раст на платите.

Дел од претставниците од бизнис секторот не се сигурни какви ќе бидат ефектите од најавеното покривање на придонесите, а дел сметаат дека тоа со сигурност ќе ја зголеми просечната плата во државата. Во врска со минималната плата сметаат дека тоа треба да биде природен процес, а не наложено законско решение. Најпрво, сметаат треба да биде донесен законот за субвенционирање на платите, да се види ефектот, а дури потоа да се разгледува опцијата за зголемување на минималната плата.

-Она од што компаниите најмногу стравуваат е оваа мерка да не се претвори во оправдување за паралелно да се зголеми минималната плата, за што и од нас и од меѓународните финансиски институции има реакции дека ако се вештачки наметнати може да донесат далекусежни последици, велат од ССК.

Од Организацијата на работодавачи на Македонија потенцираат дека преговорите за зголемување на минималната плата се уште се во тек, но оти побарале за тоа да се разговара дури откако ќе биде донесен законот за субвенционирање на платите и да се видат ефектите од спроведувањето.

Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија, посочува дека со субвенционирање на делот на придонесите, со сигурност ќе се зголеми просечната плата во држвата и тоа во голема мера ќе значи легализација на износите што сега газдите им ги исплаќаат во плик на работниците.

-Што се однесува до минималната плата преговорите се уште траат. На последните преговори инсистиравме прво да се донесе законот за субвенционирање на платите да го видиме ефкетот од тоа па дури потоа да се размислува на зголемување на минималната плата. Сигурен сум дека мерката за субвенционирање на платите ќе придонесе за зголемување на просечната плата во државата од повеќе причини. Работодавачите кои даваат дел од платата во кеш за да избегнат придонеси ќе бидат дестимулирани тоа да го прават бидејќи ќе се плаќа само персонален данок и државата ќе ги плаќа придонесите, вели Димитров.

Тој додава дека во тој случај треба да се зајакнат и контролите од Управата за јавни приходи за тоа на каков начин тој кеш се вади од сметките.

-Така што, со политиката на морковот и стапот мислам дека ќе има подрастично зголемување на просечната плата, вели Димитров.

Според него, на пораст на платите со сигурност ќе влијае и фактот дека компаниите се соочуваат со недостиг на работна сила и тоа, како што вели,  ќе ги натера да ја покачат платата доколку сакаат да ги задржат работниците.

Димитров не смета дека треба да има ограничување на мерката за субвенционирање на придонесите до одреден износ на плата, пред се, поради тоа што без разлика колкава е платата субвенции можат да се добијат само за пораст до 6.000 денари.

-Тоа ги става сите во позиција на правичност, дали имате плата 20 илјади или 50 илјади денари вие можете да добиете субвенции само за шест илјади денари покачување. Потенцијално кај оние што земат 60.000 плата 6.000 денари се десет посто, а кај оние што земаат 30.000 е двојно повеќе, така што мислам дека тоа не е неопходно, вели претседателот на ОРМ.

Од независниот институт за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк” пресметале дека оваа владината мерка ќе го намали плаќањето во кеш, од 19,1 на 5,8 проценти и сигурно ќе ги зголеми просечните плати. Оттаму, пак, препорачуваат таа да претрпи измени и да важи само за плати до висина на просечната.

-Субвенциите да се ограничат на плати до 24 илјади денари, со што би се опфатиле 85,7 отсто од примателите на плата во плико. Исто така, да се оневозможи, по завршување на мерката платите да се намалат и предлогот е со тек на годините, субвенциите да се намалуваат со текот на годините, велат од „Фајнанс тинк”.

Предлог на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) е минималецот да се зголеми за 12 отсто или околу илјада денари. Предлогот е доставен до Владата, а за него било разговарано и на последната средба на синдикалците со премиерот Зоран Заев во јули годинава.

– Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) во континуитет се залага и бара зголемување на минималната плата се со цел подобрување на стандардот на работниците со најниски плати и на нивните семејства. ССМ укажува дека во услови кога синдикалната минимална кошница за јули 2019 година изнесува 32.653 денари, а само трошоците за храна изнесуваат 13.575 денари, постои реална потреба од зголемување на минималната плата која согласно со европските препораки и тенденции треба да изнесува 60 проценти од просечната плата во државата, вели претседателот на ССМ, Дарко Димовски.

Пресметките на ССМ покажале дека има потреба од зголемување на минималната плата за најмалку 12 проценти, и да се искачи на 13.575 денари, колку што изнесуваат трошоците за храна. Тоа е износ со кој државата ќе се приближи до европскиот тренд на висина на минимална плата, имајќи ги предвид, пред сè, заложбите на државата за побрзо интегрирање во европското семејство.

– Потенцираме дека освен зголемување на минималната плата, потребно е итно да се направи скалесто зголемување на платите на сите позиции преку директна примена на колективните договори и коефициентите предвидени во истите, истакнува Димовски.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека зголемувањето би можело да се реализира по претходен консултативен процес со работодавачите и синдикатите, којшто, како што велат, е во тек. Кога ќе се постигне согласност со нив би можело да се пристапи кон измени на Законот за минимална плата, велат од МТСП, и нагласуваат дека постигнатото решение треба да биде во полза на сите засегнати страни. Најавата на законското решение за мерката за субвенционирање на платите, МТСП ја има поставено на ЕНЕР. Наредната недела ќе биде поставен и текстот и сите заинтересирани страни ќе можат да дадат забелешки.

МИА