До крајот на годината се става во функција дел од експресниот пат Штип – Кочани – ММС
ММС

Објавено на: 09/5/19 5:48 PM

До крајот на годината се става во функција дел од експресниот пат Штип – Кочани

Завршени се над 80 отсто од првата фаза на експресниот пат Штип – Кочани, делницата од клучката што го дели патот кај Три Чешми до Крупиште. Овој дел од патот се очекува да биде во употреба до Нова Година. Денеска пак, беше означен почетокот на градежните работи од втората фаза од градбата на експресниот пат, делницата на патот Крупиште – Кочани, што ја гради кинески Синохидро, која е  долга 13,7 километри.

Денеска на увид беа владини претставници со премиерот Зоран Заев.

– Првата фаза од експресниот пат од штипското село Три Чешми до Крупиште е завршена со 80 отсто и очекувам да се комплетира асфалтирањето, што веќе е започнато. Оваа втора фаза, од Крупиште кон Кочани, почна да се гради пред околу два месеца и рокот за завршување е до пролетта 2021 година. Со оглед што претходно беше завршена реконструкцијата на патната инфраструктура до границата со Бугарија, со комплетирањето на овој пат значително ќе се унапреди регионалната поврзаност со остатокот на државата, но и меѓународно со Бугарија, кажа Зоран Китанов, директорот на ЈП за државни патишта.

Експресниот пат Штип – Кочани е најзначаниот проект во источниот дел на земјата. Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарски, оцени дека овој пат ќе биде артерија, која ќе го поврзе крајниот источен дел од државата со квалитетни патишта.

-Владата овде, во овој регион вложува 330 милиони евра и покрај експресниот пат и делот на крива Паланка – Ранковце, се работи и на реконструкција на 20 локални патишта од кои дел се завшени, дел од Нова Година ќе бидат готови, кажа министерот Сугарески, кој најави дека од крајот на септември ќе почне реконструкцијата на уште нови 10 регионални патишта.

Сугарески потсети на веќе завршените патишта до граничниот премин Делчево, патот кај Берово до граничниот премин Клепало, а интензивно се работи на граничниот премин Ново Село кај Струмица.

Што се однесува експресниот пат Штип – Кочани од 28 километри, ќе чини 40 милиони евра. Очекувањата се по две години граѓаните да добијат брз и квалитетен пат, со акцент на безбедноста, бидејќи сегашниот пат што ги поврзува двата града е место на многу собраќајки, често со човечки жртви. Планирано е тешкиот сообраќај да се префрли на новиот експресен пат, додека сегашниот да биде сервисен, во функција на локалните жители.

Со нов прилив од 70 милиони евра,  средства од Светска банка, од владата најавуваат реконаструкција и изградба на локални патишта и улици по општините. Тендерирањето, како што најави премиерот Зоран Заев се очекува во октомври.

-Наша цел е со оваа извршна клаузула навремено да ги завршиме јавните набавки за да можеме напролет да имаме офанзива во изградбата на локални патишта. Процедурата за потпишување на договорот со ТАВ е почната, направени се законските измени, со што добиваме 35 милиони евра за изградба на канализациски и водоводни мрежи, за градинки и училишта, а дополнително се преговара за уште 55 милиони евра наменети за водовод и канализација што ќе се реализираат до крајот на оваа и на почетокот од идната година, изјави премиерот Заев.