Охридските угостители ретерираат од најавите дека самоиницијативно ќе ги отстранат дивоизградените платформи поставени пред нивните кафулиња и ресторани на брегот на езерото.
Во дописот испратен од Здружението „Угостителски еснаф“ до градоначалникот тие сега појаснуваат дека одлуката на надлежниот инспекторат кој издал решенија за отстранување на платформите од езерото во стариот дел на градот е избрзана и недоволно анализирана.
– Како Здружение на угостители на мнение сме дека ваквата постапка е избрзана и недоволно анализирана. Првично, ни беше кажано дека постапката е иницирана согласно барањата на УНЕСКО, во име на заштита на крајбрежјето, меѓутоа од консултација со надлежни лица и институции, произлезе дека платформите воопшто не се ни спомнати во точките кои светската организација ги посочува за критични за зачувување на статусот на Охрид и регионот. Од друга страна, денес да се разговара за платформите како дивоградби е мошне неоправдано, бидејќи истите постојат веќе 14 години, и за нив досега никој не се произнесол дека се проблематични, стои во писмениот допис на Здружението на угостители „Охридски еснаф“, коj деновиве бил испратен до градоначалникот на Општина Охрид, Советот на општината, Секторот за урбанизам при локалната самоуправа и Министерството за транспорт и врски.
Истовремено тие сметаат оти платформите, како што велат, изградени од природни материјали (дрвен патос и метална конструкција), како такви немаат никакво негативно еколошко влијание врз живиот свет во езерото туку напротив дури и докажано позитивно влијаеле врз флората и фауната во езерото.
Покрај тоа, тие на став дека уривањето на платформите ќе предизвика голема економска штета.
– Лоцирани на брегот на езерото, без сообраќаен пристап од улица, паркинг и слично, најголемиот куриозитет и ексклузивност на објеките претставуваат токму платформите. По наша слободна проценка, нивното отстранување би го намалило прометот до 70 отсто, што за нас како стопанственици, ниту пак за буџетот е посакувана опција, се наведува во писмото.
Оттаму тие сега со став за повлекување на одлуката за отстранување на платформите, а Локалната самоуправа и ресорното Министерство за транспорт и врски да изнајдат решение за нивна легализација.