Со положување цвеќе пред паметникот на жртвите денеска во Охрид беше одбележана десетгодишнината од бродската несреќа што се случи на Охридското Езеро, кога при потонувањето на „Илинден” животот го загубија 15 туристи од Република Бугарија.
Пред споменикот на жртвите поставен на кејот „Македонија” се поклонија делегации на Општина Охрид, на Амбасадата и Конзулатот на Република Бугарија во Скопје и Битола, претставници на Капетанијата на пристаништа во Охрид и на Здружението на граѓани „5 септември”, како и граѓани на Охрид.
Амбасадор Ангел Ангелов во име на Република Бугарија ја искористи приликата да изрази уверување дека се извлечени повеќе поуки од големата несреќа на Охридското Езеро.
– За сите нас на Балканот е важна модернизацијата. Членството во ЕУ и НАТО ги утврдува прописите за безбедност на сообраќајот на езерото, а очигледно е дека за десет години од трагичниот настан значајно е подобрена состојбата со бродската флота на езерото. Самата несреќа е дел од заедничката историја на Бугарија и Република Северна Македонија, независно дали е за добро или лошо. Позитивно е што двете држави покажуваат единственост во нивниот однос кон една трагедија. И на крајот, степенот на зрелост на едно општество е мери со почитта кон мртвите. Кога таа почит постои, ние покажуваме дека сме зрели како општество. Верувам дека наскоро Општина Охрид ќе донесе одлука за изградба на споменик што на достоен начин ќе ја отсликува почитта кон бугарските граѓани што загинаа во езерото, рече Ангелов.
Капетанот на Капетанијата на пристаништа Горан Устијаноски во оваа прилика истакна дека несреќата на Охридското Езеро е црна точка во наутичката историја на државата, но истовремено и поука што ќе ја утврди насоката каде треба да се движат активностите за анулирање на сите ризици во пловидбата.
– Бродовите сега се во одлична состојба, има новоизградени, ремонтирани бродови што се под најстрог можен надзор од класификациското друштво. Најважното нешто е што има промена во свеста на сите учесници во водниот сообраќај. Тврдам дека ниту еден од капетаните на бродовите после несреќата не е ист во својата психа и свест, таа е далеку на повиско ниво, постојано ги следи мислата дека опасноста е тука. Наше е колку истата ќе ја превенираме, рече Устијаноски.
Несреќата се случи на 5 септември 2009 година во 10:30 часот, кога потона бродот „Илинден” што со 57 патници сообраќаше на релација од Охрид за Свети Наум. „Илинден” се преврте и потона на околу 250 метри оддалеченост од брегот на езерото, кај автокампот „Елешец”.
Осум од жртвите беа жители на општина Антон, четворица од општина Пирдоп и по еден од општините Златица, Мирково и Рибарица.
МИА