Над сто наши војници заминуваат за Германија за да бидат дел од вежбата Syber junction 19 на Армијата на САД – ММС
ММС

Објавено на: 09/5/19 12:21 PM

Над сто наши војници заминуваат за Германија за да бидат дел од вежбата Syber junction 19 на Армијата на САД

Сто и четириесет припадници на нашата Армија заминуваат за Германија, каде од 10 до 30 септември ќе учествуваат во една од најголемите вежби кои Армијата на САД ги врши во Европа – Syber junction 19. Ова, денеска министерката за одбрана, Радмила Шекеринска го најави од штипската касарна „Јане Сандански“  од каде се повеќе од половината војници кои заминуваат за Германија. Вежбата, според познавачите, е една од најголемите кои ги предводи Армијата на Соединетите Американски Држави.

Потребните подготовки веќе се извршени – тврди заменик началникот на ГШ на АРСМ, Азим Нуредин.

Обучувањето ќе биде ригорозно, а мисијата интензивна – најави вршителката на должноста заменик амбасадорка на САД,  Џенифер Литлџон. Таа ја поздрави државата, зашто постигнала напредок за кус период, но потенцираше дека сепак  претстои уште многу работа:

„ Syber junction 19 е една од најинамичните вежби што ги организирала командата  на копнените сили на САД за Европа која обединува повеќе од пет илјади партнери од дваесетина држави и тие меѓусебно се обучуваат и учат едни од други. Вашата земја постигна голем напредок во кус временски период но имате уште многу работа – продолжување на реформите, особено во областа на владеење на правото“.

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска очекува ова да биде една од последните вежби во кои се вклучуваме како парнер, а не како земја членка на НАТО.

„Испраќаме 140 припадници на нашата Армија за да учествуваат на една од големите вежби кои ги врши армијата на  САД ги врши во Европа, претпоставувам дека ова е една од последните групи која заминува на вежба како партнерка држава и следниот пат овие војници, офицери и подофицери ќе заминуваат како дел од Армија што е членка на Алијансата. Тоа е пораката што денеска ја пренесов – Армијата е подготвена да биде дополнителен аргумент во нашето членство во НАТО. Членството во НАТО значи да имате Армија што ја има таквата порака“, изјави ресорната министерка.

Таа од Штип најави ново петпроцентно зголемување на платите на припадниците на Армијата. Информираше дека во штипската касарна се решава проблемот со водоснабдување, а догодина целосно ќе се реконструираат зградите на дел од касарните во земјава.