Комората на сметководители бара мерки за заштита на сметководствената дејност – ММС
ММС

Објавено на: 09/5/19 11:36 AM

Комората на сметководители бара мерки за заштита на сметководствената дејност

Комората на сметководители при Сојузот на стопански комори (ССК) бара мерки со кои ќе се подобрат состојбите во оваа дејност. Велат дека оваа професија неправедно е ставена на маргините. Бараат да се елиминира нелојалната конкуренција со тоа што само лиценцирани сметководители ќе имаат право да доставуваат извештаи до надлежните интитуции и да се одобри акт за минимален надомест за трошоци на услугите што ги даваат.

Според Благоја Грозданов, член на Управниот одбор на Комората,  од лиценцираните сметководители се бара да поднесуваат извештаите, а се дозволува и нелиценцирани сметководители да поднесуваат извештаи.

– Со тоа се подгрева и сивата економија, а и немаат точни податоци кои ги бараат. Мислам дека она што го бараме е многу разумно и во интерес и на државата и на сите економски чинители бидејќи ако се реши проблемот со сивата економија, автоматски ќе се зголеми и квалитетот на услугите, истакна Грозданов на денешната прес-конференција во ССК.

Од Комората велат дека алармантна е и состојбата со возраста на сметководителите и оти за 10-тина години државата може да се соочи со недостиг на кадар во оваа област.

– Согласно со расположливите податоци на регистрираните сметководители, просечната возраст на сметководителите е 53 години, а само 24 проценти од вкупниот број регистрирани се на возраст до 35 години, истакна Драган Митковски, претседател на Комората на сметководители.

Според Комората, само со сузбивање на нелојалната конкуренција, откочување на работата на здружението на сметководители и едукација и донесување на акт за минимален надоместок може да се зголеми интересот кај младите лица за оваа професија.