Гроздоберот почна, лозарите во агонија – ММС
ММС

Објавено на: 09/4/19 6:41 PM

Гроздоберот почна, лозарите во агонија

Во тек е бербата на винското грозје во Тиквешијата. Лозарите како и во изминатите скоро три децении незадоволни од цената по која  им се откупува родот.  Велат дека наместо напред, лозарството,  визбите го враќале назад.  Тие годинава  тактички ја срушиле  цената на грозјето, обвинуваат производителите,  манипулирајќи со шеќерните единици.

Тие се лути и поради неисплатениот денар по килограм  предадено грозје во домашна винарија, што лани државата им го вети како интервентна мерка. Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев најави дека бил постигнат договор владата да ја исплати оваа интервентна мерка во текот на утрешниот ден.

„Ланскиот денар интервентна субвенција  по килограм грозје од државата  на лозарите да им биде пуштен до четврток, а сезонава поради лошата гроздоберска година и сушата, повторно да се даде интервентна субвенција за грозјето, со тенденција тоа да биде двојно повеќе од лани. Ова е сумирано на средба заедно со Владата, премиерот и министерот за земјоделство“, информираше градоначалникот.

Тој нагласи дека според првичните информации, има потфрлување на количините грозје поради сушата.  Затоа се очекува откупот да помине во подобра атмосфера и да нема вишок на грозје.

„Околу 80 отсто од винариите поради добрата економска ситуација, своја и кај банките, плаќањето го вршат веднаш, или за неколку денови. Ова нека биде почеток на подобро ниво на состојбата во лозаровинарството“, вели Јанчев.

Додека се прават напори лозарите да добијат некој денар плус за годинашниот род, од утре во Кавадарци започнува празникот на грозјето и виното, манифестацијата „Тиквешки гроздобер“. Од новофомираното здружение на лозарите велат дека е потребно да се одржат протести и блокади додека трае манифестацијата, бидејќи на лозарите не им било да славење.

Од „Напредни лозари“ пак, велат дека засега не размислуваат за никакви блокади или протести. Тие информираат дека во тек е собирањето потписи за подобра иднина на лозарството во земјава. Со петицијата бараат винарската визба „Тиквеш“ како најголем откупувач да ги корегира цените кои неодамна ги објави. Ако тоа не го стори, останатите визби да не го следат нивниот пример.

 

Ангел Данов