Известувањето од Катица Јанева доставено до државното Јавно обвинителство – ММС
ММС

Објавено на: 09/4/19 4:35 PM

Известувањето од Катица Јанева доставено до државното Јавно обвинителство

Судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје денеска до Јавното обвинителство доставил известување од јавната обвинителка, Катица Јанева испратено од Затворот во Шутка.

-Во известувањето се наведува дека јавниот обвинител за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите ги овластува јавните обвинители во тоа обвинителство, кривичните предмети да ги предадат во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, а со известувањето приложено е и  полномошно.

Од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија велат дека ќе ги разгледаат овие поднесоци, по што јавноста ќе биде известена.

Со полномошното, Јанева ги овластува обвинителите во СЈО да ги предадат на Јавното обвинителство на РСМ сите нивни предмети и тоа: кривичните предмети во судење, во истрага и во предистрага.

Мандатот на СЈО истекува на 15 септември. Неговиот иден статус треба да се реши со новиот закон за ЈО кој е во собраниска процедура, но за него власта и опозицијата засега не можат да се усогласат.