Ларис Гајсер, новинар на италијанскиот весник „Ла Верита“, кој започна со објавувањето на снимки од разговори во случајот „Рекет“, вели дека има уште необјавени материјали. Најавува нови детали доколку македонските истражни органи не ја завршат својата работа.
Гајсер во интервју за српската новинска агенција Танјуг,изјави дека ги објавил материјалите со кои се докажува аферата само откако добил потврда дека македонското обвинителство исто така ги поседува и оти се сомневал дека ќе бидат уништени.
-Бев против објавување на овие информации, кои ги имавме на располагање, сè додека не се убедив дека истиот материјал е во судскиот систем во Северна Македонија. Потоа, во Ла Верита, решивме да ги објавиме за да покажеме дека правниот систем таму не функционира и дека тие веројатно ги бришат доказите, рече Гајсер, кој учествува на Стратешкиот форум во Блед.
На прашањето како дошол до снимките од компромитирачките разговори, тој изјавува дека може да се заблагодари на широката мрежа на контакти што ја стекнал во Македонија, но дека не може и не сака да го открие неговиот извор: „Добив материјали од извор кој е дел од македонската администрација, тврди Гајсер.
Истакнувајќи дека аферата, која е на штета на сегашната македонска влада на премиерот Зоран Заев, е многу слична на аферата со прислушувањето што ја урна власта на поранешниот премиер Никола Груевски што Заев ја откри, тој посочува дека разликата меѓу двата случаи е значајна.
-Разликата е во тоа што ги објавуваме доказите што ги добивме од внатре, од македонскиот систем, од луѓето кои се дел од тој систем, додека во времето на Груевски тоа беше меѓународен случај, масовно прислушување на разузнавачките служби во Македонија кои му го дадоа материјал на Заев да го објави пред јавноста, објаснува новинарот на Ла Верита.
Гајсер исто така изјавува дека има повеќе материјали поврзани со случајот „Рекет“, но дека не може да ги објави во моментов, затоа што, меѓу другото, се плаши за безбедноста на неговиот извор.
-Објавувањето материјал покажува како системот и судството се заглавени во корупција во Македонија, сигурно ќе доведат во опасност некои животи, вели тој. Гајсер верува дека досега е објавен доволно материјал за да помогне да се продолжи истрагата за да се дојде до конечно решение.
-Ако тоа не е доволно, ние имаме повеќе материјали за објавување, вели Гајсер.
На прашањето за мотивите за објавување на материјалот, Гајсер рече дека сакал да покаже дека владеењето на правото и демократијата не функционираат во Македонија и дека тоа е последица на сегашната власт, која ја држи како заложник целата земја. Тој потсетува дека еден месец пред објавувањето на интервјуто за случајот „Рекет“, Ла Верита објави дека генералниот секретар на македонската влада Драги Рашковски, се обидува да манипулира со меѓународен тендер.
-Еден ден подоцна, македонскиот премиер го потврди ова и се извини пред италијанскиот народ и италијанските власти, се сеќава Гајсер и прашува – дали може да се замисли дека некој признал нелегална активност на меѓународен тендер и дека премиерот се извинил на друга земја во свое име, а при тоа ништо не се случило?
-Тоа е можно само на Балканот“, вели Гајсер.
Коментирајќи за отсуството на одговор на ЕУ на случајот за рекетирање, Гајсер изјави дека ЕУ нема да реагира во овој момент.
-Прво, затоа што имаат заедничка вина, а потоа ситуацијата е многу комплицирана. Од друга страна затоа што Могерини и Јункер го завршуваат мандатот, па нивните наследници ќе чекаат да го решат прашањето, заклучува Гајсер.