Да се стопира изградба на сепарација, побара Советот на општина Росоман – ММС
ММС

Објавено на: 09/4/19 2:29 PM

Да се стопира изградба на сепарација, побара Советот на општина Росоман

Советот на општина Росоман итно бара надлежните да достават документ за стопирање изградба на сепарација на кавадаречка фирма, бидејќи нема дозвола за градба. На вонредна седница, Советот  донесе и заклучок да му се достави договор и решение со што се доделува концесија за стопанисување со пасишта на истата фирма.

Советниците исто така бараат од надлежните да кажат дали е издадена дозвола за градење на инсталација за сепарирање речен песок во катастарска општина Сирково, но и дали фирмата доставила елаборат за заштита на животната средина и дали е тој одобрен за спроведување на проектот.

Од градоначалникот Бранко Јанев се побара писмено известување до Советот, дали е издадена дозвола за градба на сепарацијата, иако Јанев усно кажа дека нема таква дозвола.

Исто така, Советот расправаше и околу проблемот со ископ на песок во општина Росоман од други фирми, што тоа го прават од претходно. Се донесе заклучок надлежните да достават решенија за дозвола за ископ на песок, чакал и камен од речното корито на реката Црна, за са се види дали тие се во согласност со закон.