Јанева од Шутка побара сите истраги и судски предмети на СЈО да преминат во ЈО на Јовески – ММС
ММС

Објавено на: 09/4/19 11:31 AM

Јанева од Шутка побара сите истраги и судски предмети на СЈО да преминат во ЈО на Јовески

Катица Јанева која се наоѓа во притвор испратила писмо до Специјалното јавно обвинителство со кое бара сите истраги што ги води СЈО да се префрлат во Републичното јавно обвинителство кај Љубомир Јовески, дознава неофицијално НОВА од извори во СЈО.

Во меѓувреме, од СЈО потврдија дека вчера е пристигнато полномошно од Јанева со кое ги овластува обвинителите во ова Јавно обвинителство да ги предадат на Јавното обвинителство на РСМ предметите кои се водат во ова Јавно обвинителство и тоа: кривичните предмети во судење, во истрага и во предистрага.

-Имајќи го предвид законот за СЈО и одредбите за  автономија на Обвинителството, во текот на денешниот ден ќе биде испратен допис до Јавното обвнителство на РСМ со цел запознавање на Јавниот обвинител на РСМ со ваквото полномошно, по што ќе биде донесена одлука за евентуално понатамошно постапување, велат од СЈО.

Јанева, иако е притворена во Шутка таа се уште е законски застапник на сите истраги и обвиненија кои што ги покрена СЈО. Писмото го испратила преку затворската управа.

Токму истрагите покренати од СЈО се главна тема во преговорите меѓу работните групи на власта и опозицијата за новиот закон за ЈО. Ако се префрлат предметите во Јавното обвинителство, тоа ќе значи други обвинители да работат по нив, со повторно собирање докази, искази на сведоци, што пак може да доведе до застарување на дел од нив.

Од власта досега неколкупати изјавија дека нема да дозволат истрагите (18) и обвиненијата (2) што беа покренати по 30 јуни 2017 да пропаднат, за што Врховниот суд се произнесе со правно мислење.

Претседателот на собраниската Комисија за избори и именувања Илија Димовски, за в четврток во 12 часот ја закажа седницата на која ќе се разгледува извештајот на Советот на јавни обвинители за разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

На 15 септември истекуваат 30 дена од притворот што и беше одреден на Јанева осомничена за злоупотреба на службената положба и овластувања во врска со случајот „Рекет“. (Нова)