Над 6000 медицински сестри ја напуштиле Албанија за две години – ММС
ММС

Објавено на: 09/2/19 11:37 AM

Над 6000 медицински сестри ја напуштиле Албанија за две години

За две години Албанија ја напуштиле 6.500 медицински сестри, а таа бројка постојано расте. Ова за тиранската телевизија Ора њуз го изјави претседателот на Друштвото на медицински сестри, Елсон Јачај искажувајќи при тоа загриженост, бидејќи масовното заминување на здравствениот персонал во западно европските земји, пред се’ Германија, ќе предизвика сериозни последици во овој сектор.

Додава дека меѓу оние кои сакаат да ја напуштат Албанија се и лекарите,кои поттикнати од високите плати и многу подобрите услови за работа многумина одат на курсеви по германски јазик за подоцна да почнат со работа во оваа земја.

„Обемот на работа е зголемен, но бројот на здравствениот персонал е ист или се намалува па на секоја медицинска сестра двојно и се зголемува обемот на работа. Со таков товар се намалува квалитетот на здравствената услуга. Во последните две години скоро 6.500 медицински сестри ја напуштија земјата, а само од Универзитетската клиника Мајка Тереза околу 150“,  изјави Јачај.

Тој тврди дека истата ситуација се случува и во другите регионални болници  додавајќи дека овој феномен не ги погодил само институците од јавното туку и од приватното здравство:

-Алармантните податоци треба да ја „разбудат“ владата, која треба да ги зголеми платите на лекарите и медицинските сестри, како и да ги подобри условите за работа.Сакаме тие да не се зенимаваат со ветувања, туку со вистинските работи и потреби во здравјето. Пред заминување за Германија се околу 200 медицински сестри.

Од Лекарската комора  пак, потврдуваат дека само лани земјата ја напуштиле 164 лекари, поради што веќе се чувствува недостиг на лекари посебно во внатрешноста.