Две лица се повредени во две сообраќајни незгоди вчера во Кавадарци – информираа денеска од кавадаречката полиција.
Со автомобил марка „Пежо“ е удрено дете кое се здобило со тешки повреди и по укажаната помош во кавадаречката болница било пренесено на понатамошно лекување во скопските клиники.
Вчера во 18.30 часот на ул.„9-та Бригада“ во Кавадарци, патничко возило „пежо“ со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од Т.М.(19)од Кавадарци, удрило во девојче од Кавадарци, кое се здобило со повреди и било пренесено во болницата во Кавадарци. Увид на местото извршила екипа од Полициската станица Кавадарци – вели Димитар Каракулев, самостоен инспектор по превенција во кавадаречката полиција.
Десет минути по оваа незгода, на раскрсницата од улиците „Страшо Пинџур“ и „Ило Костов“ во Кавадарци во сообраќајна незгода помеѓу мотоцикл „Џонвеј“ управуван од 40 годишниот М.Г и непознато возило кое веднаш по незгодата заминало од местото на незгодата, настрадал 89-годишен пешак.
Пешакот со тешки телесни повреди бил пренесен во болницата во Кавадарци. Полицијата трага по несовесниот возач.
Во полицискиот билтен е евидентиран и обид за обљуба. Вчера 28 годишната Е.С од Кавадарци пријавила дека лицето С.Ф од Кавадарци се обидело да ја силува, но не успеало во намерите. С.Ф бил приведен во кавадаречката полиција, а по документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Ангел Данов


