Сашо Тасевски во „Стадион“: Синдромот на купени интелектуалци и уметници кај нас никогаш не престана – ММС
ММС

Објавено на: 08/31/19 12:25 PM

Сашо Тасевски во „Стадион“: Синдромот на купени интелектуалци и уметници кај нас никогаш не престана

Работите во Македонија не се поинакви ни по последната промена на власта, а синдромот на купени интелектуалци и уметници никогаш не престанал, оцени денешниот гостин во емисијата „Стадион“ на „Канал 77“, актерот Сашо Тасевски.

– Сите партии коритат јавни личности за да си го кренат својот рејтинг. Има и една повратна спрега дека повеќето интелектуалци и уметници се повеќе од свесни оти за добра академска, професорска, уметничка кариера единствената формула за успех во таа област е секогаш да бидеш во правецот во кој дува ветерот, па затоа и сега гледаме како многумина превртливци и сончогледи ги менуваат страните. Првин настапуваат умерено, а потоа стануваат и истурени играчи на новата страна. Македониа е шампион, па е и пред некои мали сателит-државички, во тоа да се биде секогаш со власта за лични интереси – смета Тасевски.

Основната причина за тоа тој ја гледа што кај нас секој сегмент од секоја сфера се наоѓал под капата на политиката.

– Политиката ги определува сите можни насоки во кои треба да се движи општеството. Во таква ситуација, бидејќи институциите се под капата на таа политика, станува многу прагматично, опортунистички, лукративно за многумина уметници и интелектуалци да се стават на страната на оние кои што се моментално на власт – рече Тасевски.

За тоа потоа често се добивале и разни проектчиња, синхронизации на филмови, пари на рака… Исто така, како што рече, од актуелната политика кај нас секогаш зависело и какви проекти ќе се финансираат со државни пари, без разлика на нивниот квалитет.

– Сега можеме да очекуваме книги или филмови што го промовираат целиот неолиберален, мултиетнички, мултикултурен, глобален дискурс, ќе се заборави на секое тематизирање на суверенитетот, независноста заради поддршка од државните пари. Такви нешта одамна се случуваат. Се знаеше дека нема да добиеш средства ако напишеш реално сценарио за војната од 2001 година и слично – истакна Тасевски.

Во денешниот „Стадион“ имаше и телефонски разговор со свешетеникот Виктор Стојчев, кој работи во Лондон, за неговиот случај со Бојан Јовановски (Боки 13) и неговиот татко, против кого свештеникот Стојчев поведе постапка и го обвинува за физички напад и претрпени повреди.