Специјалистот по интерна медицина и сопственик на приватна здравствена амбуланта д-р Ненад Коциќ од советничката група на СДСМ е избран за Претседател на Советот на Општина Велес на 39 седница одржана вчера, на 29 август. Докторот кој е и познат граѓански активист вели дека поттикнат од желбата градот Велес да биде поприоритетно и поперспективно место за живеење за сите а особено за младите луѓе се причина за неговата донесена одлука да биде претседател на Советот.
– За мене од секогаш преставувал императив да работам за доброто на Велес и граѓаните. Се надевам дека довербата од моите колеги и од велешани ќе ја оправдам и дека поуспешно ќе ја намалиме миграцијата во која огромен број на млади се исселуваат и со тоа опустошуваат и училиштата и улиците. Наша обврска и цел е со мерките што ќе ги превземеме да ги задржиме да живеат тука и животот да го направиме подобар, рече д-р Коциќ.
Тој верува дека со квалитетни предлози, од власта и од опозицијата, преточени во проекти Велес може да биде поубаво и попосакувано место за живеење.
Д-р Ненад Коциќ е избран за нов претседател на Советот на Општина Велес откако поранешниот адвокатот Душко Петров, поднесе оставка од лични и професионални причини.
Убавка Јаневска