Децата чиј татко ги остави затворени во автомобил се на безбедно место: Надлежните одлучуваат за родителското право – ММС
ММС

Објавено на: 08/29/19 3:39 PM

Децата чиј татко ги остави затворени во автомобил се на безбедно место: Надлежните одлучуваат за родителското право

Братчето и сестричката на возраст од четири и седум години, кои вчера беа заборавени во автомобил во скопско Ново Лисиче ќе бидат времено сместени на безбедно место. Дел од медиумите пренесоа дека децата ќе одат во згрижувачко семејство, но директорката на Центарот за социјални работи, Наташа Станојевиќ во изјава за порталот Плусинфо ја демантира ваквата информација.

„Специјализираниот тим на Центарот уште во текот на ноќта беше известен за настанот, но со оглед на здравствената состојба на дечињата, чекавме да дојде наредниот ден за да се изврши разговор со нив и со нивните родители.  Веќе се извршени разговори и стручниот тим смета дека во моментот најдобар интерес на децата е да се сместат на безбедно место каде што ќе ја добијат потребната нега и грижа. Во однос на родителското право ќе треба да ги комплетираме потребните документи, да се консултираме со МВР, со Основното јавно обвинителство за да видиме со кои факти и докази располагаме“, информира денеска Станојевиќ.

Откако децата дехидрирале поради тоа што нивниот татко ги оставил во заклучениот автомобил додека бил на прослава по повод вчерашниот празник, тие со возило на Брзата помош биле пренесени на Детската клиника. Оттаму соопштија дека братчето и сестричката веќе се во стабилна состојба.

Немилиот настан наиде на остра осуда кај првата Детска амбасада во светот Меѓаши, од каде апелираат родителите никогаш  да не ги оставаат децата во затворен автомобил, без разлика на времетраењето на нивното отсуство.

„Меѓаши апелира до родителите никогаш  да не ги оставаат децата во затворен автомобил, без разлика на времетраењето на нивното отсуство. Родителите може да имаат на ум дека децата се почувствителна категорија во однос на температурните разлики. Тие не можат да го напуштат автомобилот ако не им е добро. Меѓаши апелира родителската грижа да не престане во ниту еден момент“, вели Наташа Сердаревиќ од Меѓаши во изјава за Канал 77.

Според неа, потребни се и измени во Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата.

„Согласно Конвенцијата за правата на детето, член број 6 – државите членки во најголема можна мерка обезбедуваат сигурен опстанок и развој на детето. Нашата земја како потписник и како земја членка кон оваа Конвенција е обврзана во рамките на важечките закони да обезбеди сигурен развој и опстанок на детето. Потребен е заеднички поттик од институциите, здравствените работници, невладиниот сектор, медиумите па и поединците со општествена одговорност да укажуваат на родителите околу потенцијалните опасности од негрижата и запоставувањето на детето како учесник во сообраќајот.  Кога велиме важечките закони во државата, во нашата земја Законот за безбедност во сообраќајот ги регулира правилата за превоз на деца, па прпеорачуваме да се донесе член кој јасно ќе ја регулира негрижата и запоставувањето на детето како учесник во сообраќајот. Сепак, исто важно е да постои перманентна активност во текот на овие топли месеци, како здравствените работници апелираат кој и во кој период од ден оже да се движи. Родителите во брзањето да не заборават дека не смеат децата да ги оставаат во возило“, додава Сердаревиќ.

Родителите на децата биле разведени, а тие кај својот татко биле на еден ден. Во текот на ноќта, па и денеска, мајката била со нив во Детската клиника, каде освен дехидрирани, тие биле донесени валкани во нечисти алишта.