Алтернативниот министер за надворешни работи на Република Грција, задолжен за европски прашања, Милтиадис Варвициотис преку писмо до вицепремиерот Бујар Османи најави поддршка за европските интеграции на земјава, нагласувајќи дека императив е целосната имплементација на Договорот од Преспа.
-Процесот на европски интеграции на земјите од Западниот Балкан претставува стратешки приоритет на Република Грција. Во таа насока, ние го поддржуваме и процесот на евроинтеграција на Република Северна Македонија, во согласност со предвидените услови и на основа на сопствените заслуги, за што целосната имплементација на Преспанскиот договор претставува императив – пишува Варвициотис во писмото до Османи.
Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања во писмото од грчкиот алтернативен министер Варвициотис, наскоро се најавува и билатерална средба меѓу претставниците задолжени за европски прашања на двете земји.
Претходно, вицепремиерот Османи упати писмо во Варвициотис во кое му ја честита функцијата и изразува надеж за продолжување на соработката.